ВРЕМЕ Е ЗА ВОВЕДУВАЊЕ УСТАВНА ЖАЛБА, АМА НЕ Е ВРЕМЕ ЗА УСТАВНИ ПРОМЕНИ Костадиновски и Мицкоски се согласиле дека е потребна институционална реформа на Уставниот суд

Времето за ваков исчекор одамна е дојдено. Продолжувањето на статус кво состојбата може да создаде простор за појава на претеран судски активизам, кој во одредени околности би можел да доведе до нарушување на рамнотежата меѓу властите, или т.н „судокаратија“ , рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

0

Потребна е поддршка за донесување на Закон за Уставниот суд, како и уставни измени со кои ќе се прошират надлежностите на Судот во заштитата на правата на граѓаните, рече денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на тркалезната маса на тема „Воведување на уставна жалба“.

Во рамки на настанот, Костадиновски оствари билатерална средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на која беше отворено прашањето за подлабока институционална реформа на Уставниот суд, соопшти Судот.






– Уставната жалба е заедничка точка на институционален дијалог. Патот на разумот е еден. На тој пат соговорниците или ќе се сретнат или ќе се разминат. Драго ми е што денес, по клучните прашања за развојот на уставното судство, со претседателот на Владата суштински се сретнавме токму на патот на разумот. Искрено, се надевам дека оваа средба и денешните диксусии се чекор кон подобри времиња за уставното судство. Денес имав можност со претседателот на Владата да разговарам за потребата од подлабока институционална реформа на Уставниот суд. Посебно беше отворено прашањето за донесување на Закон за Уставниот суд, заснован врз уставен основ и со двотретинско мнозинство, беше отворено и прашањето за воведување на уставната жалба. Времето за ваков исчекор одамна е дојдено. Продолжувањето на статус кво состојбата може да создаде простор за појава на претеран судски активизам, кој во одредени околности би можел да доведе до нарушување на рамнотежата меѓу властите, или т.н „судокаратија“ – рече Костадиновски.

Воведно излагање имаа  и премиерот Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, како и претставници на институциите, експертската и академската јавност.

Премиерот Мицкоски изрази поддршка за проширување на корпусот на уставните права кои би ги штител Уставниот суд.

– Законот за Уставниот суд и уставната жалба, согласни сме со Костадиновски дека е потребен, но за тоа е потребна промена на Уставот и кај нас тоа е болна тема и кога ќе се спомне тоа, нè потсетува на болни работи од минатото… Апсолутно се согласувам со уставната жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот, за да не ја вознемириме и така вознемирената јавност. Во услови кога треба да се консолидираме и во услови на светска криза, имаме уште еден предизвик, да враќаме солидарен данок што некој го собрал, а ние сега дојде време да го враќаме. Но, покрај владеење на правото, мора да се има разбирање и за општествените текови и процеси – изјави Мицкоски.

Амбасадорот Рокас, нагласи дека Уставниот суд има клучна улога како чувар на Уставот и заштитник на човековите права, при што неговата независност е од суштинско значење за владеењето на правото и европската перспектива на државата.

– Уставниот суд не е само уште една институција во демократскиот систем, туку е вистински чувар на Уставот и арбитер на законитоста во државата. Пред сè, заштитник на основните права и слободи на сите граѓани и целосно се согласувам со вас дека неговите надлежности, автономноста, независност се исклучително важни за владеењето на правото на државата, меѓутоа и за сопствениот напредок на државата кон членството на Европската унија, бидејќи тоа ни е заедничка цел. Со колективното делување и со фактот што Уставниот суд сега веќе има отворени дебати на коишто учествува и јавноста, значи дека правдата и владеењето на правото ја доближуваме до јавноста. Сакам да Ви честитам на тоа претседателе и тоа е единствениот начин да се оди напред, бидејќи нема едно магично решение коешто одговара на сите, вклучително и за уставната тужба. Сите добро знаеме дека во ЕУ постојат различни држави коишто имаат различни системи и коишто на различни наачини го решаваат ова. Не сакаме да промовираме еден единствен модел, но сакаме да имаме иста цел – луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда – изјави амбасадорот Рокас.

Амбасадорот Вал истакна дека реформите во оваа област бараат време, потенцирајќи дека Уставниот суд веќе бележи значајни исчекори, вклучително и зголемена транспарентност преку пренос на седниците во живо, што придонесува за поголема доверба во јавноста.

– Кога ја примив поканата да се обратам денес, ми дојде на ум една германска поговорка: „Добрите работи бараат време“ или „Рим не е изграден за еден ден“. Мисијата на ОБСЕ во Скопје повеќе од една деценија тесно соработува со Уставниот суд. Оваа соработка е насочена кон зајакнување на улогата на Судот во заштитата на уставниот поредок и поддршка на заштитата на човековите права, во согласност со заложбите на ОБСЕ. Со текот на годините, нашите заеднички напори се фокусираа на унапредување на професионалните капацитети, поддршка на примената на европската судска пракса во областа на човековите права и поттикнување дијалог за клучни прашања поврзани со владеењето на правото. Уставниот суд во последните години покажа значајни исчекори. Тие вклучуваат повеќе напредни одлуки, зголемена употреба на издвоени мислења, како и конкретни чекори за зголемување на транспарентноста – како што е воведувањето на пренос на седниците во живо. Овие развои придонесуваат за поголема отвореност и доверба во јавноста и одразуваат позитивна институционална насока. Тие, исто така, укажуваат дека Судот е добро позициониран да продолжи со зајакнување на својата улога како клучен чувар на уставните права – изјави амбасадорот Вал.

Настанот се организираше со поддршка на Делегацијата на ЕУ, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“, се додава во соопштението на Уставниот суд.

НЕМА ПОЛИТИЧКИ УСЛОВИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА УСТАВОТ Во моментов Мицкоски не размислува за овој чекор

Поврзани содржини