„ВРЕМЕ Е ЗА ТЕМЕЛНИ ПРОМЕНИ ВО СКОПЈЕ“ Ѓорѓиевски ја заврши кампањата со повик до граѓаните

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ порача дека граѓаните се решени да ја променат реалноста и да го разбудат градот со нова визија и енергија.

458

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на завршниот ден од кампањата даде изјава за медиумите од општина Центар, испраќајќи силна порака до скопјани дека „време е за вистински промени“.

– Скопје е будно, скопјани се будни и подготвени да ја преземат иднината во свои раце – рече Ѓорѓиевски, повикувајќи на масовна излезност во недела, 2 ноември, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори.






Тој нагласи дека кампањата му овозможила директна комуникација со граѓаните, кои, како што истакна, секојдневно се соочуваат со реални проблеми, нефункционални јавни претпријатија, нереализирани проекти и запоставени населби.

– Оваа кампања беше можност да се сретнам со скопјани во сите општини, од Центар до Кисела Вода. Да ги слушнам проблемите што со години не се решаваат. Затоа понудивме нов концепт и стратегија за тоа како Скопје ќе се менува во следните четири години – изјави Ѓорѓиевски.

Според него, времето на стагнација завршува, а граѓаните се решени да изберат поинаков пристап во управувањето со градот.

– Среќен сум што Скопје е конечно будно, што луѓето се подготвени за промени – не само во градот, туку и овде, во Центар. Верувам дека мојот колега Лабудовиќ ќе ја добие заслужената поддршка од граѓаните – порача тој.

Во завршницата, Ѓорѓиевски испрати јасен повик до сите скопјани.

– Повикувам во недела да излеземе масовно, со полни срца и вера дека можеме подобро. Од понеделник ги засукуваме ракавите и почнуваме темелни промени во нашиот град – порача Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини