ВРЕМЕ Е ЗА НОВИ ИСЧЕКОРИ И ЗА НОВИ ТЕАТАРСКИ ЛИЦА Викторија Рангелова – Петровска за амбициозните планови на Драмски театар Скопје
Нова квалитетна програма и отворање простор за нови театарски исчекори, нови естетики и концепти и нови театарски лица и имиња навестува в.д. директорката на НУ Драмски театар Скопје во интервју за Плусинфо. Ударна би можела да биде 2025 година, кога треба да се реализира копродукцијата на театрите во рамките на фестивалот РУТА.
Меѓународниот фестивал РУТА се одржа од 3 до 8 октомври. Се разликува ли фестивалот РУТА од другите фестивалски манифестации во државата?
– РУТА е ревијален фестивал, кој не се одржува на едно место, туку на шест различни места во регионот – Љубљана, Белград, Подгорица, Сараево, Бриони и Скопје, и тоа секоја година шест пати по ред. Во различен град, на секои два месецa, во период од шест дена, секој од театрите се претставува со претстава по сопствен избор. Во шест дена во секој од градовите циркулира креативна театарска енергија на шест ансамбли или 150 активни учесници во изведбите претставени преку актерските и уметничките тимови до технички екипи. Ваквиот концепт го чини единствен.
Дали тој концепт е можно да се менува, на пример фестивалот да добие натпреварувачки карактер?
– Сега за сега не се размислува за промена на концептот. Го негуваме концептот на еднаквост. Се движиме во насока еднаквоста да ја подигнеме на повисоко скалило, и тоа преку реализација на копродукциски театарски проект, во кој секој од театрите ќе учествува со еднаков број на учесници, со еднаков влог во финансирањето и со еднакви можности за презентација. Планирано е да се реализира претстава со копродукциски модел во 2025 година. Подготвената претстава ќе се прикажува пред публиката во сите шест града, во блокови од неколку денови по ред. Во летниот период од 2024 година, пак, фестивалската програма ќе се збогати и со резиденции за шест млади драмски автори, кои во период од еден месец на Бриони, треба да испишат шест нови кратки драмски текста. Новите дела можат и треба да бидат изведени на некоја од театарските сцени на членките.
Именувана сте за в.д. директор на НУ Драмски театар Скопје пред три месеци. Дали како нов вршител на должност имавте проблем да се вклопите во задачите на РУТА?
– РУТА за мене не е новост. Здружувањето, вмрежувањето на шесте театри започна уште во 2018 година, кога бев директор на НУ Драмски театар, по прв пат. Договорот финишираше во септември 2019 година, кога јас дадов оставка на позицијата директор од чисто принципиелни причини. И тогаш и сега сум на став дека задолженијата во театарот треба да се дисперзираат, и од таа причина во еден период од договорите актерката Софија Куновска беше делегирана како претставник на Драмски театар Скопје. Таа достојно ја извршуваше задачата во изминатите години. Драго ми е што ја препознав РУТА како можност за Драмски театар Скопје, исто толку ми е драго што во животот на РУТА не го прекинаа и директорките кои раководеа со театарот по мојата оставка.
Се обидувам да не се оптоварувам со тенденциозни напади од партиски или од лични, себични побуди. Не сум член на ниту една партија и во работата се обидувам да имам објективен пристап. Противници, валкани играчи, сеачи на невистини, удари под појас, злонамерници, секогаш ќе има.
Велите, заминавте од принципиелни причини, но еве повторно прифативте да бидете в.д. директор на Драмски театар Скопје, во прилично турбулентен политички и општествен период. Нели е тоа по малку чудно и недоследно?
– Можно е да се има таква перцепција за моето повторно ангажирање како раководител. Прифатив поради две цели, кои времето ќе ги исфрли на површина, но и поради тоа што се отвара можност за делување со соработници со кои делам разбирање, взаемна почит и најважно од сѐ, професионален однос кон работата. Се обидувам да не се оптоварувам со тенденциозни напади од партиски или од лични, себични побуди. Не сум член на ниту една партија и во работата се обидувам да имам објективен пристап. Противници, валкани играчи, сеачи на невистини, удари под појас, злонамерници, секогаш ќе има. Ќе беше подобро за културната сфера доколку во неа имаше поголем број објективни и чесни луѓе, оперирани од дај-ми-на-ти комбинациите, творци со професионален однос кон работата и повеќемина кои ќе ги подигнуваат, а не уриваат стандардите.
За кои стандарди зборувате?
– За почеток, за стандардите на кои инсистира Министерството за култура.
На пример?
– На пример, да се обидат авторите и директорите на националните установи да изготват целосни предлог проекти, а не импровизации. И да не се обидуваат предлог проектите да ги сметаат како одобрени проекти во националната програма, пред да бидат разгледани од комисијата за драмска дејност при Министерството за култура.
Звучи малку бирократски…
– Можеби звучи бирократски, но во својата суштината тоа барање е далеку од бирократија. Целосните предлог проекти укажуваат на професионалност, на свесност за концептот на проектот, за составот на тимот кој треба да го реализира проектот и за финансиската оправданост на истиот. Целовитоста ви дава лик и карактер на проектот. Името на авторот е само една црта од ликот.
Кои се вашите планови за Драмски театар Скопје за 2024 година?
– Реализација на квалитетна програма и отворање простор за нови театарски исчекори, нови естетики и концепти и нови театарски лица и имиња. Програмата ќе негува свежи и актуелни наративи и тематики, ќе презентира нови режисерски и драматуршки читања, ќе има допир со современата драматургија, ќе отвори широко врати за млади македонски автори и режисери, ќе ја негува меѓународната соработка и ќе и има своја нова таргет целна група.
Размислувате ли за 2025 година?
– Размислувам, но и делувам. Копродукциски предлог проект помеѓу Драмски театар Скопје и Местно гледалишче Љубљана. Премиерна изведба на Охридско лето 2025. Режисер Јернеј Лоренци. Пред договорна соработка со Жига Дивјак и Југ Ѓорѓевиќ. Ако ја споменеме и копродукцијата на театрите во РУТА, тогаш 2025 година може да биде ударна театарска година за Драмски театар Скопје. Се разбира, предлозите треба да го поминат и филтерот во Министерството за култура во Комисијата за драмска дејност.
Вие сте в.д. директор со ограничен мандат, ви дава ли тоа простор да правите вакви планови за иднината на НУ Драмски театар?
– Да. Моја одговорност е да договорам соработка со најдобрите можни соработници кои ќе понудат или веќе понудиле издржани и целосни предлози за реализација.