„ВРЕМЕ Е ДА ЈА ВРАТИМЕ ДРЖАВАТА ВО РАЦЕТЕ НА НАРОДОТ“ Филипче го предупреди Мицкоски дека нема да дозволат партизација на судството

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанска трибина во Гази Баба порача дека е време државата да се врати во рацете на народот, повикувајќи на храброст, правда и реформска посветеност.

203

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва од Гази Баба, каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“, порача дека е време државата да се врати во рацете на граѓаните и истакна дека храброста е клучна за иднината.

– Да се потсетиме дека државата мора да им служи на граѓаните. Храброст е да се бориш кога е најтешко, да ја кажеш вистината и да подадеш рака и на оној што мисли различно, затоа што веруваш во заедничка иднина – рече Филипче.






Тој нагласи дека борбата на СДСМ не е против некого, туку е за праведна држава, достоинствен живот и иднина во која младите ќе останат во земјата.

– На 19 октомври да ја покажеме нашата сила и љубов кон оваа земја, да ја вратиме надежта, гордоста и Македонија таму каде што ѝ е местото, меѓу достоинствените и обединетите нации – порача Филипче.

Филипче го обвини лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека не сака реформи во правосудството.

– Да престане да се заканува дека по изборите ќе го партизира судството. Или ќе има темелни реформи, па нека одговараат сите што грешеле, или нови судии од ‘тефтерчиња’ нема да дозволиме – потенцираше претседателот на СДСМ.

Тој упати критики кон економската политика на власта, посочувајќи дека за 13 месеци е направен нов долг од 1,8 милијарди евра без реален ефект врз развојот.

– Од унгарскиот кредит од 250 милиони евра, наменет за стопанството, ниту 10% не се реализирани. Само неколку фирми се офајдија. Платите тапкаат во место, индустријата падна за 3,5%, странските инвестиции се преполовени, а инфлацијата е меѓу највисоките во Европа – рече Филипче.

Претседателот на СДСМ истакна дека неспособната власт нема план, визија ниту чесна намера и дека ја интересира само олигархијата и личните бизниси, додека граѓаните живеат со високите цени и економска несигурност.

– Сега е време за храброст, правда и одговорни реформи. СДСМ нема да молчи, ниту ќе дозволи партизација на судството. Нашата борба е за граѓаните и за иднината на Македонија – заклучи Филипче.

Поврзани содржини