„ВРЕДНОСТИТЕ ЗА КОИ БОРИС ТРАЈКОВСКИ СЕ ЗАЛАГАШЕ СЕ ДОВЕДЕНИ ВО ПРАШАЊЕ“ Пендаровски одржа политички говор на комеморацијата за неговиот претходник

Многу пати се прашувам што Борис би рекол за сето ова и како тој би постапил во овие услови? И постојано се навраќам на неговата верба во македонските граѓани кога велеше: „Сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе, иднината го бара од нас“, истакна Пендаровски.

265

Во Националната опера и балет вечерва се одржа комеморативен концерт по повод 20 години од смртта на вториот претседател на независна Македонија, Борис Трајковски. Под диригентство на Иван Еминовиќ настапија солисти, хорот и оркестарот на НОБ. На програмата беа фрагменти од Моцартовиот „Реквием“, и од оперите „Лидија од Македонија“, „Кавалерија рустикана“ и „Травијата“.

Говорејќи за ликот и делото на Трајковски, актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој му беше советник три години, рече дека тој бил најмалку кабинетски претседател, зашто бил политичар посветен на граѓаните.






– Денес кога европските интеграции се закочени, а реформите успорени, како резултат на кризата на вредности во која се наоѓа Македонија, вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање – нагласи Пендаровски.

Тој додаде дека Трајковски верувал во македонските граѓани, заедно да го направат она што историјата и иднината го бараат од нас.

– За жал, 20 години подоцна, ние се наоѓаме во нова, длабока криза, која не е воена, туку вредносна. Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање. Многу шанси беа пропуштени и многу време беше изгубено. Европските интеграции се заглавени, а реформите успорени. Имаме партизација на институциите, етнизација на политиката и поделби по речиси секоја основа – граѓанска, етничка, политичка, генерациска. Раширената корупција ја обезвреднува правдата, го парализира системот, го шири цинизмот, им ја одзема перспективата на младите и ја празни државата. Драги пријатели, многу пати се прашувам што Борис би рекол за сето ова и како тој би постапил во овие услови? И постојано се навраќам на неговата верба во македонските граѓани кога велеше „сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе, иднината го бара од нас“, истакна Пендаровски.

 

 

Поврзани содржини