ВРЕДИ СЕ ЗАСИЛУВА СО 10 ПРАТЕНИЦИ ОД АЛИЈАНСА Азир Алиу ќе биде предложен за министер за местото на Таравари
Исто така е дефинирано тие (10 пратеници од Алијанса за Албанците) да бидат дел од претседателството на Вреди, значи да ја тераме битката за локалните избори, битката за новата победа. Воедно, Фетаи останува вицепремиер за добро владеење, додека од Вреди е предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство, изјави Изет Меџити од Вреди.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити од коалицијата Вреди денеска пред почетокот на Централното претседателство на коалицијата најави дека на вечерашната седница Арбен Фетаи ќе биде вклучен во раководството на Вреди и ќе остане вицепремиер за добро владеење, а Азир Алиу ќе биде нивен предлог за нов министер за здравство по оставката на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
– Вреди е комплетиран, вечерва ќе се вклучат и 10 членови од Алијанса на Албанците на чело со Арбен Фетаи во претседателството на Вреди. Исто така е дефинирано тие да бидат дел од претседателството на Вреди, значи да ја тераме битката за локалните избори, битката за новата победа. Воедно, Фетаи останува вицепремиер за добро владеење, додека од Вреди е предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство. За другите позиции во Владата ќе одлучи Вреди во наредните денови и ќе бидете навремено информирани – рече Меџити.
Тој кажа дека нивниот предлог за министер за здравство деновиве ќе го поднесат до премиерот Христијан Мицкоски.
– Имаме разговарано, деновиве ќе го предложиме и официјално – рече Меџити на новинарско прашање дали досега е разговарано со претседателот на Владата за тој предлог.
Азир Алиу е поранешниот министер за информатичко општество и администрација и е дел од Алијансата за Албанците која останува во коалицијата Вреди.
Претходно денеска од Вреди објавија соопштение во кое ја поздравија одлуката на членовите на АА кои избрале да им се приклучат оценувајќи ја како чин на граѓанска одговорност, вреден придонес во процесот на длабока трансформација кој, се наведува, заедно го започнале.
„Во време кога личните интереси и пазарењето зад затворени врати се обидуваа да ја деформираат волјата на 107.000 албански гласачи, овие претставници покажаа дека политичкиот интегритет не може да се купи или отуѓи. Пратеници, министри, директори, високи партиски функционери, раководители на ограноци, раководители на младински форуми и женски форуми, активисти од сите региони јасно и недвосмислено артикулираат дека не се со кланот и планот на Али Ахмети, туку со граѓаните, со надежта и со проектот за промени, стои во соопштението… Започнавме неповратен процес за да донесеме надеж таму каде што беше згасната, да им дадеме глас на оние кои беа игнорирани и да ја вратиме државата во служба на граѓанинот. Добредојдовте во заедничкиот дом на промените!“, стои во соопштението.
Вицепремиерот Фетаи, кој е дел од коалицијата Вреди, придружуван од поранешниот министер за информатичко општество и администрацијана Азир Алиу вчера на прес-конференција официјално соопшти дека тој останува дел од Владата.
Претседателот на едно од крилата на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари на својот Фејсбук профил реагираше по прес-конференцијата на вицепремиерот Фетаи и, како што вели, неговата група од помалку од 40 луѓе, по одлуката дека Алијансата за Албанците е дел од Владата.
Таравари во објавата посочува дека поранешните сопартијци чувствуваат мешавина од вознемиреност и вина, а ги потсети и на одржувањето на локалните избори на октомври на кои, како што вели, ќе победи.