ВРЕДИ ПРАШУВА КАДЕ СЕ 120 МИЛИОНИ ДЕНАРИ? Османи под сомнеж за незаконито трошење за ОБСЕ Самитот
Вреди тврди дека Бујар Османи е дел од милионски финансиски скандал поврзан со организацијата на ОБСЕ самитот, барајќи итна реакција од институциите.
Скандалот со исчезнатите документи за тоа како се потрошени 120 милиони денари при организацијата на минатогодишниот самит на ОБСЕ ја потресе јавноста и повторно го стави под лупа работењето на Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи.
Според Вреди, целата афера е јасен доказ за „нечесност и незаконито работење“ во институцијата која треба да биде симбол на транспарентност и отчетност.
„Наместо вистински резултати, единствената ‘победа’ на Османи беше да го прими рускиот министер Сергеј Лавров во Скопје, потег кој предизвика негативни реакции и сомнежи во надворешнополитичката ориентација на Османи и партијата ДУИ“, се вели во реакцијата.
Оттаму додаваат дека граѓаните треба да ги знаат некои работи, па поради тоа упатија неколку прашања до Османи и го повикаа да даде одговори.
„Зошто нема документи, фактури или извештаи за потрошените 120 милиони денари? Кој ги одобрил овие трошења и со каква цел? Кој ги скрил документите? Дали истите тие средства завршиле во џебовите на фирми блиски до ДУИ?“, прашуваат од Вреди
Партијата потсетува дека Државниот завод за ревизија (ДЗР) е првата институција што треба да алармира за незаконско трошење на народните пари, и дека тоа веќе е направено во случајот со Бујар Османи.
„Во последните два дена гледаме дека Османи е вклучен во сите клучни договори и бизниси на ДУИ, како и во средби со српски функционери, токму во моменти кога на македонскиот пазар влегуваат компании, казина и телекомуникациски оператори со контроверзно потекло“, велат од Вреди.
Според нив, токму ова е причината зошто Османи нема кредибилитет да зборува за странско влијание или за заштита на националните интереси.
„Во неговиот мандат се отворија вратите за сомнителни бизнис-дилови и дипломатски скандали кои ја рушат репутацијата на Македонија. Граѓаните заслужуваат одговори, а институциите мора да покренат постапки“, додаваат од Вреди.