„ВРЕДИ ПОБЕДУВА ЗАТОА ШТО ГО ИЗВАДИ ТЕТОВО ОД ТЕМНИНАТА“ Касами ја побара поддршката на завршниот митинг на коалицијата
Ние победивме, драги тетовци, затоа што го преполовивме долгот на општината, го вративме градот на колосек, победивме затоа што Тетово е подготвено за второто поглавје: Тетово со жичарница, Тетово со пат и тунел кон Призрен, Тетово со гигантски инвеститор на Попова Шапка. Победивме затоа што оваа визија, со вашата поддршка, ќе ја претвориме во реалност во следниот четиригодишен мандат, истакна актуелниот градоначалник на Тетово Биљал Касами на завршниот митинг.
Партиите кои се дел од коалицијата Вреди во Тетово вечера го одржаа завршниот митинг на градскиот плоштад од каде ја побара поддршката од граѓаните за нивните кандидати за градоначалници и советници.
Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами, побара поддршка за негов втор мандат нудејќи ја неговата развојна платформа „Еден глас за Тетово“.
Тој оцени дека политиката на коалицијата Вреди е веќе препознаена од граѓаните како победничка затоа што, рече, ги одвоиле инвестициите од аферите, не ги расипала лакомоста и се држеле настрана од навреди како нивните опоненти.
– Ние победивме, драги тетовци, затоа што го извадивме Тетово од темнината. Го спасивме од колапс, го трансформиравме и го развиваме. Победивме затоа што денес Тетово добива нов стадион, модерни булевари, градинки и нови училишта, спортски сали и базени. Ние победивме, драги тетовци, затоа што го преполовивме долгот на општината, го вративме градот на колосек, победивме затоа што Тетово е подготвено за второто поглавје: Тетово со жичарница, Тетово со пат и тунел кон Призрен, Тетово со гигантски инвеститор на Попова Шапка. Победивме затоа што оваа визија, со вашата поддршка, ќе ја претвориме во реалност во следниот четиригодишен мандат – истакна Биљал Касами.
На митингот во Тетово се обратија и другите претседатели на партиите кои ја сочинуваат коалицијата ВРЕДИ.
– На 19 октомври, да се гласа мирно и достоинствено, како што доликува на сите нас. До 2028 година нема да има нови избори, вие ќе се одморите, ние ќе работиме – истакна Изет Меџити.
Пред насобраните граѓани се обрати и Алби Ќамили, носител на листата со кандидати за советници на Коалицијата ВРЕДИ за Општина Тетово.