ВРЕДИ НЕ ПЛАНИРА ДА ЈА НАПУШТИ ВЛАДАТА Таравари се жали дека партиите во коалицијата се слабо синхронизирани
Тешко е кога е една партија, а камоли кога се четири. Така што ни треба подобра коодинација, оти впечатокот е лош кај народот дека не делуваме како што треба. Има доверба во Владата 70 отсто, а на прашањето колку сте задоволни од Вреди во Владата, е околу 30 и нешто, рече Арбен Таравари од Вреди.
Министерот за здравство и еден од лидерите во Коалицијата Вреди која ја сочнуваат четири партии, Арбен Таравари ја повтори оценката дека коалицијата функционира недоволно синхронизирано, и оти очекува тоа да се поправи, но и дека не размислуваат да си заминат од Владата.
– Засега не, и не планираме да излеземе од Владата – рече Таравари на новинарско прашање на прес-конференција во Министерството за здравство каде информираше за состојбата со лекувањето на пациентите повредени во пожарот во Кочани.
– Тешко е кога е една партија, а камоли кога се четири. Така што ни треба подобра коодинација, оти впечатокот е лош кај народот дека не делуваме како што треба. Има доверба во Владата 70 отсто, а на прашањето колку сте задоволни од Вреди во Владата, е околу 30 и нешто. Мислам дека недостасува таа добра синхронизација. Се надевам дека тоа ќе се поправи во идниот период – вели Таравари.
Што се однесува до комуникацијата со опозициската ДУИ, кажа дека таа постои во Парламентот меѓу пратениците, оти сите пратеници без оглед од која партија доаѓаат комуницираат едни со други.
– Премиерот Мицкоски со право има одредени услови кои што ги бара за да се случат уставните промени. Јас мислам дека сосема е во право тука. Без согласност од ВМРО-ДПМНЕ не можат да се случат уставни промени. Така што треба да се разгледаат опции кои што се можни за да се фасилитира и да се помогне овој процес од сите страни за да Македонија што побрзо ги започне преговорите со ЕУ – нагласи Таравари.Таравари синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ искажа јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата Вреди функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација. Таквото мислење, како што вели, не било само негово лично, туку го темели и на анкети спроведени пред сѐ меѓу Албанците во земјава.
– Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека Вреди има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека Вреди не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата – кажа Таравари.
Тој дообјасни дека кога зборува за претставувањето на Албанците во Владата не мисли на квантитетот, туку на квалитетот.