ВРЕДИ И ЗНАМ СЕ РЧНАА ЗА БАЛАНСЕРОТ Нови преписки меѓу коалициските партнери

Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на анти-Албанска доктрина, велат од коалицијата ВРЕДИ. Колегите од ВРЕДИ треба да разберат дека заврши времето кога можеше да се демонстрира моќ од позиција на власт преку кршење на законите во Македонија, возвратија од ЗНАМ.

1,268

Поништување на годишните планови за вработување од страна на министерот за јавна администрација Горан Минчев според Балансерот донесе преписка меѓу Коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ од чии редови доаѓа министерот Минчев.

Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на анти-Албанска доктрина, велат од коалицијата ВРЕДИ.






„Брзо ќе дојдат локалните избори каде повторно ќе им текне дека без Албанците нема победа во Куманово. Очекувавме дека Министерот Минчев ќе ги поништи сите огласи според Балансерот во кои Македонци се определуваа како Албанци за да се вработат во јавната администрација. Токму тоа е злоупотреба на Балансерот кое неговото Министерство не смее да ги премолчува. Истовремено, порационално е Димитриевски и Минчев да направат список на државни институции во кои сè уште нема пристап за Албанците.

Намалувањето на процентите на Албанците е предизборен фолклор и аргумент плус зошто е неопходно да се укине Балансерот и да се донесе Закон за правична застапеност. Со таков пристап ќе се елиминира некои политичари како Димитриевски и Минчев да одлучуваат колку и какви Албанци ќе се вработуваат во јавната администрација!“ – стои во соопштението на коалицијата ВРЕДИ.

Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија се јави со реакција на соопштението на ВРЕДИ во врска со поништување на годишните планови за вработување од страна на министерот за јавна администрација Горан Минчев

„Не ја разбираме возбуденоста во редовите на ВРЕДИ во врска со денешната прес-конференција на Министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Движењето ЗНАМ – за наша Македонија на парламентарните избори во рамки на својата програма стриктно посочи дека ќе влезе во Владата, базирано на принципите на чесност, одговорност и отчетност, и исклучиво со целосно почитување на законите.
Би сакале да потенцираме дека терминологијата “АНТИ-АЛБАНСКА ДОКТРИНА” не постои во редовите на Движењето ЗНАМ. Наша доктрина е “ДОСЛЕДНО ПОЧИТУВАЊЕ и СПРОВЕДУВАЊЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ЗАКОНИ”.
За да ги појасниме работите, би сакале да нагласиме дека во Законот за вработени во јавниот сектор во Глава IV-a; Член 20-а; Став 4 стои:
„Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт, а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територија на Република Македонија“
Им укажуваме на господата од ВРЕДИ, пред да излезат со било какво соопштение, добро и детално да ги проучат сите постоечки и важечки закони.
Што се однесува на фразата „елиминирање на некои политичари”, би сакале да ги потсетиме припадниците на ВРЕДИ дека времето на ДУИЗАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е ЗАВРШЕНО.
Колегите од ВРЕДИ треба да разберат дека заврши времето кога можеше да се демонстрира моќ од позиција на власт преку кршење на законите во Македонија.
Таква демонстрација на моќ практикуваше ДУИ. Тоа време е минато“ – се наведува во реакцијата од Движењето ЗНАМ – за наша Македонија.

 

Поврзани содржини