ВРЕДИ ЌЕ УПРАВУВА ВО 10 ОПШТИНИ Локалните избори запечатија нова реалност во Македонија
Коалицијата Вреди излегува од овој процес како втора политичка сила на државно ниво, со 10 освоени општини, и како апсолутен победник во албанскиот табор, изјави портпаролот на Вреди, Дритон Сулејмани, денеска на прес конференција.
– Локалните избори запечатија нова политичка реалност во Северна Македонија. Резултатите се јасни, но пораката на граѓаните е уште појасна. Ерата на старата политика е завршена. На овие избори, граѓаните гласаа за работа, за одговорност и за политика што дава резултати. Тие дадоа поддршка на визијата на Вреди за локален развој и за нов стандард на управување базиран на чесност и ефикасност – рече тој.
Според него, во Тетово победија интегритетот и визијата на Билал Касами, што го претвори градот во симбол на промени и одговорно управување.
– Во Боговиње, граѓаните му ја дадоа довербата на Фети Абази, архитектот кој со знаење и посветеност ќе ја ревитализира општината. Во Теарце, по 20 години непроменета власт, дојде долгоочекуваната промена и граѓаните му ја дадоа довербата на Даут Мемиши. Самиот овој факт е извонреден успех. Во Чаир на Изет Меџити, каде што ДУИ се обиде да ја претвори трката во „референдум за опстанок“, чаирчани јасно рекоа „Не“. Општината не е отскочна даска за спасување на никого – рече Сулејмани.
Вреди ги освои и општините Сарај, Арачиново, Желино, Дебар, Струга и Долнени.
– Овој резултат е повеќе од изборна победа, тоа е епохална промена во политичкото претставување на Албанците. По 23 години доминација на политика која беше отсечена од граѓанинот, Албанците избраа нов модел, политика на одговорност. Вреди го чита овој резултат како почеток на нова етапа, каде што ќе се управува со европски стандарди и со целосно почитување на граѓанинот – рече Сулејмани и се заблагодари на сите граѓани кои учествувале во, како што рече, овој демократски процес и на секој активист.