ВРЕДИ ЌЕ БАРА НАЧИН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МЕДРЕСАТА ВО КОНДОВО За ДУИ укинувањето на верското училиште е напад врз верската слобода
Ова е личен пораз на Али Ахмети и неговата клика, кои секогаш си играа со верските чувства на Албанците, само за теснопартиски политички интереси. Денес вистината излезе на виделина - Медресата никогаш не била акредитирана на законит начин. ДУИ ја користеше во предизборни кампањи, исто како што ги користи сите симболи, чувства и потреби на Албанците - за да ги изманипулира, соопшти Вреди.
Одлуката на Уставниот суд за поништување на лажната акредитација на Медресата „Иса Беу“ во Кондово е удар за сите оние кои беа измамени од празните ветувања на ДУИ и соработничкиот молк на Исламската верска заедница, соопшти Коалицијата Вреди.
„Ова е личен пораз на Али Ахмети и неговата клика, кои секогаш си играа со верските чувства на Албанците, само за теснопартиски политички интереси. Денес вистината излезе на виделина – Медресата никогаш не била акредитирано на законит начин. ДУИ ја користеше во предизборни кампањи, исто како што ги користи сите симболи, чувства и потреби на Албанците – за да ги изманипулира“, соопшти Вреди.
Истата шема на измама се повтори и со фабриката за електрични автомобили, која никогаш не беше изградена, се додава во соопштението.
„Се повтори со коридорите 8 и 10Д, кои останаа само на хартија, со патот Скопје-Блаце, кој беше ветуван десетици пати, но никогаш реализиран, со One stop shop со Косово, што остана во фиоките на нивната пропаганда. ДУИ секогаш функционирала со пропаганда, слики, лажни ветувања и манипулации. Одлуката конечно потврдува дека ДУИ нема решено ниту едно албанско прашање преку закон и Устав, туку само лажела и манипулирала за гласови. 22 години на власт ги искористија за да ги средат трговските центри и имотите на своите семејства и внуци, додека на Медресата „Иса Беу“ не му обезбедија ниту статус“, се вели во соопштението на Вреди.
Медресата „Иса Беу“ повеќе нема да се користи за валкани политички игри и лажни кампањи, додава Вреди.
„Ние работиме на решение, преку кое ова прашање конечно ќе биде затворено – далеку од манипулациите на минатото и блиску до правдата што ја заслужуваат Албанците“, соопшти владејачката коалиција.
По ова со соопштение се јави и Демократската унија за интеграција, со остра осуда на, како што вели, на политичката и антиуставна одлука на Уставниот суд.
„Со оваа одлука ѝ се забранува на Исламската верска заедница да организира средно образование, право кое го има од 1984 година, со што им се ускратува на илјадници млади правото на образование и изградба на иднината според нивните уверувања и идентитет. Оваа одлука претставува директен напад врз верската слобода, врз достоинството на муслиманската заедница и врз едно право што беше добиено како исправка на историска неправда за време на претходна влада“, соопшти опозициската партија.
Ова не е само правно прашање, се додава во соопштението, ова е битка за колективното достоинство.
„Но, она што е уште потешко од самата одлука е срамната тишина на албанските претставници во оваа влада. Наместо да протестираат тие молчат. Наместо да поднесат оставка, тие се правдаат. Наместо да ги штитат граѓаните, тие ги штитат фотелјите и наредбодавците. Тие не се претставници, тие се послушни вазали на власт која повторно го активира проектот за еднонационална држава, без место за другите. Не смееме да молчиме пред ова понижување“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Ние смееме да дозволиме клучни придобивки да бидат избришани од тие што денес се продаваат за една фотеља, за привилегија, се додава.
„Ние ќе бидеме гласот на секој ученик што денес се чувствува исклучен, на секој родител што ја гледа загрозена иднината на своето дете и на секој граѓанин што не прифаќа повеќе да биде понижуван во тишина. Ги повикуваме домашната и меѓународната јавност, верските заедници, граѓанското општество и секој човек со совест да реагира. Зашто молкот денес значи соучесништво со неправдата“, соопшти ДУИ.
Уставниот суд вчера ја укина одлуката со која е одобрено основањето на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во скопското село Кондово, која е донесена од претходната влада на 26 март 2024 година.
Судот оцени дека владината одлука е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница (ИВЗ) да биде основач на средно училиште, гимназија.