ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЗОО ЈА БАРААТ ПЛАТАТА ЗА МАРТ Можно е Зоолошката градина да се затвори за посетители
Овој протест не е против никого, туку да нè видат дека ние немаме земено плата за март и ги поминавме и Велигден и 1 Мај без плата. Последната ја зедовме пред 45 дена и од вчера изгубивме и здравствено осигурување, рече Миле Таневски, претседател на синдикатот во ЗОО Скопје.
Вработените во Зоолошката градина Скопје денеска за време на паузата излегоа на протест пред установата за да ги повикаат надлежните институции, Министерствотио за култура и туризам и Град Скопје да им ја исплатат платата за март. Протестот беше поддржани од Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК).
Миле Таневски, претседател на синдикатот во ЗОО Скопје, рече дека не знаат зошто Министерството не им исплатило плата, ниту каде настанал проблемот, со оглед дека дел од другите локални институции веќе зеле мартовска плата.
– Овој протест не го правиме против никого, не е ниту против Министерството за култура, ниту против Градот. Како што имаше препукувања преку некои медиуми. Овој протест е да нè видат дека ние немаме земено плата за март и ги поминавме и Велигден и 1 Мај без плата. Последната ја зедовме пред 45 дена. Поради неземена плата на време, од вчера изгубивме и здравствено осигурување, а имаме колеги што се на боледување. Ги замолувам надлежните што поскоро да најдат модус што поскоро да ја земеме платата, за да не дојдеме до поголеми штрајкови. Има и судови и ќе поднесеме и претставки. Си ја бараме заслужената плата, а како и по кој основ ќе биде исплатена, дали по старо или по ново, за тоа има синдикат, има Влада и Министерство и тие ќе одлучат како да биде исплатена – изјави Таневски.
За натамошните чекори што ќе ги преземат, рече, ќе се договорат во колективот.
Неговиот колега Мирослав Станковиќ, ЗОО-негувател, додаде дека не излегле на протест, туку за време на паузата испраќаат порака да им се реши проблемот.
– Нашата работа не е лесна. Надвор сме на сите временски услови и сме склони кон повреди секој ден, а сега веќе немаме ни здравствено осигурување. ЗОО Скопје е подолго време арена за политички пресметки и препукувања меѓу сите политички чинители, на локално и на централно ниво. Нас тоа не нè интересира. Не сакаме ниту протести, туку решение зашто при крај ни се финансиските средства – истакна Станковиќ.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, соопшти дека застојот е надминат кај институциите од културата на централно ниво и тие веќе ја примиле платата за март. Побара итно решение за ЗОО Скопје или од утре најверојатно вратите на установата ќе бидат затворени за посетителите.
– За жал, дел од институциите коишто се на локално ниво од засега непознати причини сè уште немаат земено плата. Апсолутно е ирелевантно која е причината, многу е важна фактичката состојба. Вработените овде испоснички го поминаа и Велигден и 1 Мај и трпението на овие луѓе е при крај. Од денеска веќе немаат нито здравствено осигурување, а тоа во најмала рака е нехумано, зашто се секојдневно изложени на повреди. Итно мора да се најде решение за овој проблем. СОНК ќе ја земе работата под свое, оваа наша толеранција и коректност кон надлежните веројатно некој ја толкува како наша слабост. Апсолутно не е така, зашто доколку не се исплати платата, од утре и натаму и вратите на ЗОО веројатно ќе бидат затворени – изјави Неделков.
На прашање дали за проблемот разговарал со директорот на ЗОО, одговори дека добил информација оти тој не е на работа.
– По оваа прес-конференција очекував да имаме средба со директорот, но не е тука. Денеска писмено ќе се обратиме и ќе бараме итно средба и не само со него, туку и со други директори каде што сè уште има проблем. Директно, директорите се надлежни за исплата на плата, кој е виновен по хиерархија нагоре, нас во моментов не нѐ интересира – рече претседателот на СОНК.
Тој додаде дека според неговите информации и другите локални установи од културата кои се под Град Скопје немаат земено плата за март.