ВРАБОТЕНИТЕ ВО МЕТА ГО НАРЕКУВАЛЕ ИНСТАГРАМ ДРОГА, А СЕБЕСИ ДИЛЕРИ „Ги привлекуваш, ги задржуваш, им ги земаш податоците“
29 американски сојузни држави ја обвинуваат компанијата дека намерно ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм на начин кој ќе предизвика зависност кај децата што ги користат
MЕТА се соочува со едно од најголемите судења во својата историја, откако 29 американски сојузни држави ја обвинија компанијата дека намерно ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм така што младите корисници да станат зависни од нив.
На почетокот на судењето, кое започна во федералниот суд во Оукленд, Калифорнија, четири држави – Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси – ги повторија обвинувањата дека Meta со своите платформи поттикнувала анксиозност, депресија, па дури и самоубиствено однесување кај младите, а истовремено ја доведувала јавноста во заблуда за безбедноста на своите производи.
Во тужбата се наведува дека Мета со ваквото работење го прекршила федералниот закон, вклучително и правилата за заштита на приватноста на децата. Обвинителите тврдат дека компанијата незаконски собирала и користела лични податоци на деца помлади од 13 години без согласност од нивните родители.
Заменичката државна обвинителка на Калифорнија, Меган О’Нил, пред осумчлената порота изјавила дека деловниот модел на Meta бил едноставен: да ги привлече корисниците, да ги задржи што подолго, да ги собере нивните податоци и потоа да ја сокрие вистината од јавноста.
Според неа, овој модел особено добро функционирал кај децата.
– Meta открила дека колку е помладо детето кога почнува да ја користи апликацијата, толку подобро – рекла О’Нил.
Таа тврди дека компанијата ги проучувала младите, начинот на кој функционира нивниот мозок и како реагираат на онлајн стимули, а потоа ги користела тие сознанија за да го зголеми нивното време поминато на платформите.
Особено шокантно звучеше тврдењето дека самите вработени на Meta го нарекувале Инстаграм „дрога“, а себеси „дилери“.