ВРАБОТЕНИТЕ ДА ГО ДОБИЈАТ ЗАСЛУЖЕНОТО Поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за повисоки плати во образованието

ВМРО-ДПМНЕ го поддржува штрајкот за повисоки плати и бара од власта да направи нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата.

330

Вработените во образованието мора да го добијат заслуженото покачување на платите согласно Колективниот договор. ВМРО-ДПМНЕ го поддржува штрајкот за повисоки плати и бара од власта да направи нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата.

„Синдикатот има целосно право да го изрази своето право на револт и да бара реализација за правата на работниците кои треба да им следуваат. Власта наместо да врши притисоци врз синдикатите и врз работниците, треба да ги исполни ветувањата за повисоки плати. Да не измислуваат изговори дека не може да ги покачат платите, затоа што деновиве гледаме како државни функционери правеле матни зделки со пари кои можат да се наменат за покачување на плати, а не да завршуваат во џебовите на владините функционери“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






Опозицијата смета дека во државата се случува целосен хаос и колапс кој го припишува на, како што вели, неспособноста, криминалот и лакомоста на власта.

„Додека власта носи розеви очила дека сите живеат убаво, во реалноста протестираат вработените во градинките, основните и средните училишта, државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, а наскоро ќе штрајкуваат сите, практично штрајкуваат сите работници во Македонија. Во меѓувреме, инфлацијата вртоглаво расте и таа се искачи на 8,8% во март, а споредено со минатата година цените на горивата се покачени за 70%, лебот е поскап за 110%, додека маслото за јадење над 30% и практични сите основни намирници се поскапени од 30% до 50%“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека постојат сомнежи за уште десетици криминални случаи слични на тој поради кој беше приведен секретарот на Владата.

„Со секој изминат ден со оваа влада Македонија и граѓаните се повеќе осиромашуваат и уназадуваат. Државата повеќе не смее да тоне и единствен излез се предвремени парламентарни избори“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини