Основниот кривичен суд Скопје, информира дека вработениот во судската писара е негативен на вирусот ковид-19.
„Како суд апелираме до медиумите и сите останати субјекти кои лиферуваат информации на порталите и социјалните мрежи за судот, да ги проверуваат информациите пред нивно објавување. Судот се залага за транспарентно и отчетно работење и има одлечна соработка со поголем дел од медиумите.
Но, потребно е да се напомене дека секоја непроверена и неточна информација освен што наштетува на угледот на институцијата може негативно да се одрази и на некои недолжни колеги или граѓани како во овој случај“, се наведува во соопштението од Судот.
Оттаму додаваат дека строго се придржуваат до препораките за заштита од вирусот. Судниците и судските простории редовно се дезинфицираат, на вработените и на странките кои влегуваат во судот им се мери температурата со бесконтактни уреди, секој е должен да носи заштитна маска и ракавици, се одржува растојание на присутните во судниците, канцелариите и писарниците, а сите вработени кои се хронично болни, самохрани родители или чуваат дете помало од 10 години се ослободени од работа.
„До овој момент ниту еден вработен не пријавил дека имал контакт со заболен и дека му е дадена препорака за самоизолација, а доколку некој пријави дека е позитивен на вирусот судот ќе ги преземе сите мерки согласно напатствијата на здравствените власти“, се додава во соопштението од Судот.