ВРАБОТЕНИОТ ГО УДИРАЛЕ СО БОКСОВИ Тројца насилници барале малолетник да влезе во казино
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица на возраст од 35, 50 и 43 години за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За истиот настан, согласно Законот за правда за децата, ќе биде поведена постапка и против 17-годишник во судир со законот.
На 30 април во вечерните часови, пред казино во Драчево, сите осомничени во група малтретирале и телесно повредиле вработен во казиното, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Инцидентот се случил кога малолетникот сакал да влезе во казиното, а вработениот не го пуштил. На тоа малолетникот се заканил и телефонски ги повикал останатите осомничени кои со два автомобили пристигнале пред казиното.
Најпрво му се заканиле на оштетениот со барање да го пушти детето да влезе или ќе го запалат казиното, а кога тој одбил, го опколиле и физички го нападнале, удирајќи го со бокс и нанесувајќи му телесни повреди.
Едниот од осомничените од возилото извадил дрвена мотка и почнал да замавнува кон оштетениот, кој се повлекол кон влезот на казиното. Случајни минувачи ги спречиле да продолжат со насилството, но кај оштетениот и во јавноста осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Надлежен јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/ престојувалиште, обврска повремено да се јавуваат на службено лице и одземање на патните исправи.