ВРАБОТЕНИ ВО УЈП ЌЕ ГИ ВРАЌААТ ПАРИТЕ, НЕЗАКОНСКИ ИМ БИЛЕ ЗГОЛЕМЕНИ ПЛАТИТЕ Одлуката за покачување била донесена во време на избори
Државниот инспекторат за труд поради незаконитоста на одлуката наложил УЈП да ги поништи овие договори. Финансиската штета од целата оваа ситуација изнесува околу 18 милиони денари.
Вкупно 129 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) кои биле унапредени и добиле зголемени плати со незаконска одлука и акти на поранешната директорка Сања Лукаревска донесени во изборен процес и на ден пред заминување од функцијата, ќе треба да ја вратат разликата во платите од почетокот на годината до сега, бидејќи ќе треба да бидат вратени на позициите на кои биле пред одлуката. Финансиската штета од тоа изнесува околу 18 милиони денари.
Овие вработени биле административни службеници, но во текот на изборниот процес потпишале незаконски договори со кои станале даночни службеници. Одлуката и актите за потпишувањето на договорите била колективна и незаконска, констатирал Државниот инспекторат за труд (ДИТ) кој извршил проверки откако е назначена новата директорка на УЈП Елена Петрова.
ДИТ поради тоа и наложил на Петрова да ги поништи овие договори што предизвикало хаос во УЈП и ги довело вработените независна положба.
Петрова, како што рече денеска бара решение на проблемот заедно со синдикатите кое ќе биде законско и без големи последици врз вработените.
– Бараме најсоодветно решение со синдикатите, а една од опциите е потпишување нов колективен договор или анекс на веќе постојниот – рече таа.
Како што објасни Петрова, претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници.
– ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука. Од друга страна, ДКСК констатира повреда на изборниот процес. Во моментов, јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништувањето на Одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус – појасни Петрова.
Таа вели дека состојбата се искомлицирала поради тоа што одлуките се донесени во изборен период, бидејќи се доцнело со донесувањето на актите во УЈП со кои требало да се применат измените на законот за Управата за јавни приходи.
– Оваа ситуација можела и да се избегне доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на ЗУЈП, актите на УЈП требало да бидат донесени во законски рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година, во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа своевидна „манипулација” и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот, кој ја потпишал, бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна „дамка” на целиот процес – вели Петова.
Таа обвини дека претходното раководство лошо управувало со Управата.
– Целиот процес на усогласување на сите вработени во УЈП по статус и плата ја изгуби својата смисла и добра намера, токму заради лошото управување, ненавремено постапување надвор од законските рокови, а потоа непромислено и избрзано постапување, формални и правни неправилности и незаконитости – вели Петрова.