ВОЗНИОТ РЕД НА ЈСП ЌЕ СЕ КРОИ СПОРЕД НОВИТЕ НАСЕЛБИ Ѓорѓиевски бара прецизно прекројување на линиите
Градоначалникот најави дека реформата ќе се прави внимателно и со вклучување на граѓаните.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во наредниот период ќе се пристапи кон промена на возниот ред на автобусите на ЈСП Скопје, оценувајќи дека сегашниот систем е застарен и не ги следи потребите на градот.
Во гостување на Сител, тој посочи дека возниот ред со децении не бил суштински ревидиран, иако во меѓувреме градот значително се проширил.
– Повеќе децении возниот ред во Скопје не е променет. Во моментите кога е правен, не биле предвидени новите населби кои во меѓувреме се прошириле или никнале на територијата на градот. Некаде каде што имало засилени потреби од автобуси, денес тие се намалени – изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека процесот ќе се спроведува внимателно и нема да се носат избрзани одлуки.
– Тоа ќе биде процес што ќе го водиме во наредниот период, но не сакам да го направиме преку ноќ, брзоплето, и повторно да имаме пропусти во системот. Кога велам дека ќе го правиме прецизно, подразбирам максимално вклучување на граѓаните со нивните забелешки – додаде градоначалникот.