📽️ (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) ЗАГИНА КРЕАТОРОТ НА „CALL OF DUTY“ Трагедија во светот на видеоигрите, Винс Зампела го загуби животот во страшна несреќа

Визионерот зад „Call of Duty“ и „Apex Legends“ загина откако неговото „Ферари“ излетало од пат и се запалило на планински автопат во Калифорнија.

114

Еден од највлијателните креатори во светската гејминг-индустрија, Винс Зампела, загина во тешка сообраќајна несреќа во Јужна Калифорнија. Трагедијата се случила во неделата попладне на планинскиот автопат Анџелес Крест, кога Зампела ја изгубил контролата врз своето „ферари“, јавува „NBC Los Angeles“.

Според информациите на калифорниската полиција, автомобилот на кривулестиот дел од патот излетал од коловозот и удрил во бетонска ограда. Од силниот удар, возилото се запалило. Зампела останал заробен во автомобилот и починал на самото место, додека сопатникот бил исфрлен од возилото и подоцна им подлегнал на повредите во болница. Идентитетот на сопатникот засега не е објавен.






Спортскиот автомобил со кој управувал Зампела бил опремен со хибриден V6 мотор со моќност од над 819 коњски сили. Очевидец на несреќата доставил видеоснимки до надлежните, а истрагата за точните околности под кои дошло до губење на контролата сè уште е во тек.

Винс Зампела (55) важеше за еден од најзначајните визионери во индустријата за видеоигри. Како ко-основач на студиото „Infinity Ward“, тој одигра клучна улога во создавањето на култниот серијал „Call of Duty“, кој го дефинираше жанрот на модерните шутер-игри.

Подоцна, во 2010 година, го основа студиото „Respawn Entertainment“, кое зад себе ги има хитовите „Titanfall“, „Titanfall 2“, „Apex Legends“ и „Star Wars Jedi: Fallen Order“. Студиото беше купено од компанијата „Electronic Arts“ во 2017 година, но Зампела продолжи да го води и да има значајно влијание врз развојот на новите проекти.

Од „EA“ се огласија со официјално соопштение, во кое ја нагласија големината на загубата за индустријата.

„Ова е незамислива загуба. Влијанието на Винс врз видеоигрите беше длабоко и далекусежно. Тој беше лидер, визионер и творец чија работа инспирираше милиони играчи и развивачи низ целиот свет“, соопштија од компанијата.

Со заминувањето на Зампела, гејминг-индустријата останува без една од своите највлијателни фигури, а неговото наследство ќе продолжи да живее преку игрите што ги создаде и генерациите што ги инспирираше.

Поврзани содржини