🎥 (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) СИРИСКИТЕ ВОЈНИЦИ ИЗВРШИЛЕ МАСАКР ВО БОЛНИЦА Застрелале во глава осумгодишно дете со хендикеп?
Смрдеата била првото нешто што го почувствувал неврохирургот д-р Висам Масуд, при пристигнување на паркингот пред болницата во Суеида, каде што десетици тела биле наредени во бели вреќи – некои отворени, откривајќи надуени и обезличени остатоци. Асфалтот бил лизгав од крв, а жештината ја правела смрдеата уште понеподнослива. Според неврохирургот д-р Висам Масуд, тоа било вистински масакр – војниците дошле под изговор дека носат мир, но наместо тоа убиле пациенти од сите возрасти, вклучително и деца и стари лица.
Сириските владини сили се обвинети дека извршиле масакр во болница за време на сектарните судири што избувнаа пред малку повеќе од една недела, објави Би-Би-Си.
Новинарите на Би-Би-Си ја посетија Националната болница во градот Суеида, каде што медицинскиот персонал тврди дека пациентите биле убиени во своите болнички соби.
– Миризбата ме удри пред да видам било што друго. На паркингот пред главната болница во Суеида, десетици распаднати тела беа наредени во бели пластични вреќи. Некои од нив беа отворени, откривајќи надуени и обезличени остатоци од убиените. Асфалтот под нозете беше мрсен и лизгав од крв. Под жешкото сонце, смрдеата беше неподнослива. Ова беше масакр, Војниците дојдоа велејќи дека сакаат да донесат мир, а убија десетици пациенти, од најмладите до најстарите – изјавил за Би-Би-Си неврохирургот во болницата, д-р Висам Масуд.
На почетокот на оваа недела, д-р Масуд испратил видео за кое тврди дека е снимено веднаш по нападот на владините сили. Во видеото, една жена го прикажува хаосот во болницата – на подовите во собите лежат десетици мртви пациенти, завиткани во крвави чаршафи.
Лекарите, медицинските сестри и волонтерите во болницата го раскажуваат истото.
Минатата среда вечерта, според нив, токму сириската армија ја нападнала болницата и извршила масакр над припадници на друската заедница.
Кинес Абу Мотаб, волонтер во болницата, прашал:
– Кој е нивниот грев? Дали само тоа што се малцинство во демократска држава?
Осама Малак, наставник по англиски јазик, изјавил пред портата на болницата:
– Тие се криминалци. Монструми. Немаме никаква доверба во нив. Му пукаа во глава на осумгодишно дете со хендикеп. Според меѓународното право, болниците треба да бидат заштитени. Но, тие не поштедија никого. Влегоа во болницата и пукаа во сите. Ги убиваа пациентите додека спиеја во своите кревети.
Сите се обвинуваат меѓу себе
Во овој конфликт, сите страни меѓусебно се обвинуваат за злосторства.
И бедуинските и друските борци, како и сириската армија, се обвинети за убиства на цивили и за егзекуции без судење.
Сѐ уште нема јасна слика за тоа што точно се случило во болницата. Некои очевидци проценуваат дека бројот на убиени минатата среда надминува 300, но таа бројка не може да се потврди.
Во вторникот навечер, сириското Министерство за одбрана соопшти дека е запознаено со извештаи за „шокантни прекршувања“ од страна на лица во воена униформа во претежно друскиот град Суеида.
Почетокот на неделата, министерот за управување со катастрофи и итни интервенции, Раед Салех, изјави дека сите наводи за злосторства ќе бидат темелно истражени.
Пристапот до градот Суеида е строго ограничен, што го отежнува прибирањето на докази од прва рака.
– Градот е практично под опсада, сириските владини сили контролираат кој може да влезе и да излезе. За да влеземе, минавме низ бројни контролни пунктови. При влегувањето, забележавме изгорени продавници, урнати згради и автомобили смачкани од тенкови. Очигледно е дека градот бил жариште на жестока битка меѓу друски и бедуински сили – вели новинар на Би-Би-Си.
Во таа фаза сириската армија првпат интервенирала со цел да воспостави примирје.
Иако владините сили повторно зазеле бројни друски села во провинцијата Суеида, самиот град, кој брои над 70.000 жители, останува под целосна контрола на друската заедница.
– Пред да заминеме од болницата, ја сретнавме осумгодишната Хала ал-Катиб како седи на клупа со својата тетка. Лицето ѝ беше крваво и преврзано. Изгледа како да изгубила едно око. Ни раскажа дека вооружени луѓе дошле и ѝ пукале во глава додека се криела во плакарот во нејзиниот дом. Хала сѐ уште не знае, но нејзините двајца родители се мртви – додаде новинарот.