📽 (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) ИЛЈАДНИЦИ ГО ГЛЕДАЛЕ ДОДЕКА УМИРА ВО ЖИВО Смртта на француски стример разоткрива морничав интернет-феномен

Случајот со францускиот стример, кој починал по 12 дена тортура што во живо ја следеле илјадници гледачи, е дел од таканаречениот „треш-стриминг“ (trash streaming) - поджанр на содржина во живо, каде што стримерите изведуваат понижувачки, опасни, а понекогаш и смртоносни постапки.

453

Францускиот стример Жан Порманов беше познат по изведување екстремни дела во живо, а неговата смрт открива вознемирувачки интернет-феномен.

Станува збор за трагедија што го осветли мрачниот и помалку познат дел од интернет-културата. Рафаел Гравен, познат по неговиот онлајн псевдоним Жан Порманов, почина во понеделникот во јужна Франција за време на пренос во живо на платформата „Кик“, објави Јуроњуз во средата.






Според извештаите, 46-годишниот стример бил изложен на постојано малтретирање, физичко насилство и на 10-дневно лишување од сон во текот на континуиран и повеќедневен стрим што кулминирал со неговата смрт. Француските власти отворија истрага за случајот.

Кој беше Гравен?

Гравен беше еден од првите стримери во Франција, со околу половина милион следбеници на своите канали.

Со текот на годините, стана познат по понижувачки и по опасни постапки во живо — како самозадушување или консумирање токсични хемикалии — понекогаш на барање и со финансиска поддршка од гледачите.

Во текот на 12-дневниот стрим што ѝ претходеше на смртта, Гравен се појавуваше со тројца редовни соработници. Видеа објавени на социјалните мрежи прикажуваат како двајца од нив, познати како Наруто и Сафин, го навредуваат и физички го напаѓаат.

Француската министерка за дигитални прашања и вештачка интелигенција, Клара Шапаз, го нарече инцидентот „апсолутен хорор“.

Полицијата отвори истрага, а обдукцијата треба да се изврши денес.

Раперот Дрејк и американскиот стример Адин Рос — кои се финансиски поврзани со сопственикот на „Кик“ — понудија да ги покријат трошоците за погребот.

Шокантниот свет на „треш-стримингот“

Случајот на Гравен е дел од т.н. треш-стриминг (trash streaming) – поджанр на стриминг-содржина каде што стримерите изведуваат понижувачки и опасни дела, понекогаш и смртоносни, анализира Јуроњуз.

Овој феномен потекнува од 2010-те, особено во Русија и во Полска. Во 2021 година, еден руски стример беше осуден на 6 години затвор откако неговата 28-годишна бремена партнерка почина за време на стрим: тој ја претепал и ја оставил надвор само по долна облека, камерите сѐ уште снимале кога дошла итната помош.

Поради такви случаи, Русија усвои закон што ги забранува овие стримови.

Истражувачките Барбара Цирек и Малвина Попиолек во 2022 напишаа:

– Публиката е клучен учесник во треш-стримингот. Колку повеќе може да влијае на стримот, толку е поголем потенцијалот за екстремна содржина.

На платформи како „Кик“ и Јутјуб, гледачите можат да донираат пари за да ги охрабрат стримерите да одат чекор подалеку.

Првата епизода од новата сезона на серијата „Блек мирор“ (Black Mirror) се инспирира од овој феномен: главниот лик, во обид да заработи за болната сопруга, се пријавува на фиктивна треш-стриминг платформа и на крајот се соочува со самоубиство во живо.

Во случајот на Гравен, бројачот на донации на крајот од неговиот 298-часовен стрим покажувал дека собрале над 36.000 евра.

Платформи како „Кик“ се прибежиште за овие насилни содржини

Треш-стримерите наоѓаат прибежиште на слабо регулирани платформи како „Кик“ – основана во 2022 од творците на обложувачката компанија „Стејк“.

Иако правилата на „Кик“ забрануваат содржина со „гнасно насилство, сериозно самоповредување или со смрт“, платформата расте токму благодарение на поопуштените модераторски политики, за разлика од платформата „Твич“.

Во декември, француското медиумско издание „Медијапарт“ (Mediapart) откри дека Гравен со години бил дел од „бизнис со понижување“. Поради тоа, обвинителството отвори истрага, а неговите соработници Наруто и Сафин беа кратко притворени.

„Кик“ го суспендираше неговиот канал, но потоа го дозволи стримот повторно. Немаше политички или законски последици.

По неговата смрт, „Кик“ ги банираше сите инволвирани во видеото и најави дека ќе ја преиспита својата француска содржина. Но, не кажа дали ќе ги заостри правилата.

Во нивните насоки сѐ уште стои: „Стримингот во живо, по својата природа, е непредвидлив. Невозможно е однапред да се предвиди секој исход“.

На интернет се појави вознемирувачката снимка на која се гледа како другите учесници на стримот се обидуваат да го разбудат Порманов не знаејќи дека веќе починал.

Поврзани содржини