АЛАРМАНТНИ ИСТРАЖУВАЊА ЗА ОНЛАЈН КОМУНИКАЦИЈАТА Две третини од девојките се жртва на сексуално вознемирување
Многу млади девојки преку социјалните мрежи на интернет добиваат пораки што претставуваат сексуално вознемирување, а за тоа тие повеќе се доверуваат на семејството отколку на институциите. Ова го покажува истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми“ спроведено од Центарот за еднакви можности „Бубамара“ од Тетово, кои го пренесуваат и искуството на младите лица од женски пол во полошкиот регион.
Биле анкетирани 208 девојки на возраст од 18 до 25 години, кои одговориле на анкетата по електронски пат. Од Тетово се 150 девојки, 51 од Гостивар и останатите од другите места, при што 45,1 проценти се од рурални, а 54,8 проценти се од урбани средини.
Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара“ велат дека жртвите на сексуално вознемирување главно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив, овие дејства имаат последици што кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.
– Од анкетираните девојки 65,8 проценти примиле пораки од момчиња или мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди, 32,2 проценти од нив не примиле такви содржини на социјалните мрежи, 1,9 процент се одлучиле да не одговорат. Анкетата имаше цел да открие колку овие возрасни девојки, кои сè уште се во раните дваесетти години, се жртви на сексуално вознемирување и, воедно, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа – велат од „Бубамара“.
Според истражувањето, семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат ваквите вознемирувања во случаите кога се решаваат да пријават. Поголем дел од нив (29,3 проценти) претпочитаат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25 проценти). Голем број девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21,6 процент). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0,9 проценти) или на невладините организации (1,4 процент) за да пријават вознемирување.
Понатаму во истражувањето се вели дека во реалноста, голем дел од анкетираните девојки кои примиле такви пораки, ги игнорирале. Вкупно 89 девојки или 42,7 проценти ги игнорирале ваквите пораки. Деведесет и седум девојки или 46,6 проценти ги пријавуваат со тоа што реагираат или ги објавуваат на социјалните мрежи кои ги користат. Од девојките 3,8 проценти за овие пораки се обратиле до полицијата, додека 2,4 проценти од девојките рекле дека одбрале лично да се соочат со вршителот на делото.
Според друга, пак, сексуалното вознемирување на социјалните мрежи е кога некој се обидува постојано да ве контактира со закани и ја нарушува вашата приватност предизвикувајќи ви проблеми со најблиските. Исто така, подвлекува, ве става под психолошки притисок за да се плашите да излезете во јавност.
Девојките кои ги пријавиле ваквите пораки генерално не биле задоволни од резултатот. Од девојките 26,4 проценти сметаат дека ниедна институција или друг ентитет не се покажал ефикасен во решавањето на нивниот проблем, 3,3 проценти се задоволни од ефикасноста на полицијата, додека, пак, 11,1 проценти од нив сметаат дека полицијата реагирала предоцна. Задоволни се 23,08 проценти од резултатот што го постигнале по пријавувањето на социјалните мрежи.
Годинава, заклучно со 22 септември во СВР Тетово се евидентирани вкупно 24 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, во кои биле инволвирани осум сторители, од кои шест во тетовското и две во гостиварското подрачје. Тие биле заокружени со ист број кривични пријави, а има и 17 писмени известувања до Обвинителството. Од нив седум во тетовскиот, а десет во гостиварскиот регион.