Возила на велешки Брако се појавуваат во познати холивудски филмови (ФОТО+ВИДЕО)

Две нивни возила од програмата на „Green Machines“ се појавуваат во сцени од два холивудски филмски блокбастери. И тоа не било кои, туку научно-фантастичните „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.

5,249

Веројатно малкумина знаат дека велешката компанија „Green Machines“, која е дел од конзорциумот на „Брако“, ги произведува најславните еко машини за одржување улична хигиена, објави „batali.net“.

Две нивни возила од програмата на „Green Machines“ се појавуваат во сцени од два холивудски филмски блокбастери. И тоа не било кои, туку научно-фантастичните „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.






Приказната ја враќаме 21 години назад, во веќе далечната 1999. Авторот и режисер на филмовите „Војна на ѕвездите“, славниот Џорџ Лукас, по 22 години пауза од неговиот прв филм од серијалот, решава да го сними второто продолжение. Седум години претходно, компанијата „Green Mаchines“, чие седиште тогаш е во Шкотска, на пазарот го исфрла првиот модел на возило за одржување улична хигиена од серијата 400. Во следните неколку години, овие машини почнуваат да се користат речиси во сите земји во Британија. Така, еден ден, подготвувајќи го својот филм, Лукас се шетал покрај Бакингамската палата во Лондон и го забележал возилото кое ја чистело улицата. Тоа му се причинило толку футуристично, што без двоумење решил дека ќе го користи во сцена од својот следен филм.

Фото: Возило од серијата 400

Тринаесет години подоцна, во 2012-тата, режисерот Бери Соненфилд го подготвува својот трет филм од серијалот „Man In Black“, со Вил Смит, Томи Ли Џоунс и Џош Бролин во главните улоги. И слично како и во приказната со Лукас, возило на Green Machines му се појавува во видното поле на режисерот Соненфилд. Во истиот момент тој решава дека тоа ќе биде возилото кое во една од сцените во филмот ќе го влече чудовиштето, кое му создаваше толку многу проблеми на Агентот Џеј, кој го играше Вил Смит.


Сцената од филмот „Man In Black 3“ во која се појавува возилото на „Green Machines“.

Трејлер за филмот „Man In Black 3“, во кој, во 24 секунда се појавува возилото на Green Machines кое влече чудовиште.

Инаку, „Green Machines“ е една од најстарите компании за производство на правосмукалки, основана во Шкотска во 1964 година. Пред три години велешки Брако почнува соработка со шкотската фирма и ги произведува овие машини, а во 2019 година, поранешниот директор на Green Machines заедно со велешки Брако основаат нова компанија „Green Machines“ ДОО Велес и оттогаш овие машини се продаваат низ светот како македонски, а комплетното производството е пренесено во погоните на компанијата во Велес.

Денес овие возила се користат во повеќе од 45 земји во светот, а овие машини ги чистат едни од најпознатите и најпрестижните локации на земјината топка, меѓу кои и Бакингемската палата, Плоштадот Свети Петар во Ватикан, улиците на Сингапур, Дизниворлд и Тајмс сквер во Њујорк.

Возилото користено во филмот „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“

Компанијата има одлична соработка со реномираниот Факултет за машиско инженерство од Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, со кој развиваат нови технологии, а на студентите им овозможуваат иднина во оваа струка. Со визијата која ја има, „Green Machines“, планира да остане водечки во оваа бранша и да донесе нови технологии на производи на многу бараниот пазар на одржување хигиена на отворено.

Поврзани содржини