ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО, ИМА МАГЛА ПО ПАТИШТАТА! Kaj Неготино видливоста е само 50 метри
Регионалниот пат Берово – Струмица е во прекин поради протест на локалното население, па се препорачува да се користат алтернативни патни правци.
Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива по претежно суви коловози, но се препорачува внимателно возење поради намалена видливост поради магла во Повардарието, информира Авто-мото сојузот на Македонија.
Најкритично е на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, каде видливоста е намалена на само 50 до 60 метри. Се препорачува максимално внимателно управување со возилата и прилагодена брзина.
Денеска, со почеток во 10:00 часот, жителите на село Двориште организираат протест со блокада на регионалниот пат Берово – Струмица, на местото викано „Студенецо“. Сообраќајот ќе биде во прекин, па од АМСМ апелираат возачите да користат алтернативни патни правци.
Посебна претпазливост е потребна низ клисурите и речните долини каде е можна појава на одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово
и Кочани – Делчево.
На граничните премини во моментов нема задржувања за влез и излез од земјата. АМСМ потсетува дека е на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.