ВОЗЕЛЕ „МЕРЦЕДЕСИ“, „БМВ“ И „ТЕСЛА“ СО СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ Царинaта и МВР запленија 22 возила
Странците можат привремено да внесат и да управуваат возило во земјава за време на нивниот престој, но најмногу 6 месеци во период од 12 месеци.
Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани, информира Царинската управа.
Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, 4 се oд марката „мерцедес“, 3 „ауди“, две „БМВ“, а едно од марка „тесла“ и др. Сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од 6 месеци.
Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.
Во согласност со законите, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило во земјава за време на нивниот престој, но најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија.
Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.