ВОЗАЧОТ НА ЗАЕВ ПРЕКУНОЌ УНАПРЕДЕН ВО НАЧАЛНИК НА СООБРАЌАЈНАТА ПОЛИЦИЈА!? Полицискиот синдикат револтиран од изигрувањето на процедурите
Со тоа продолжува праксата да се унапредуваат лица во МВР без да ги исполнат условите кои ги налага систематизацијата и законите, се вели во реакцијата на Синдикатот.
Лицето Дарко Сиљановски од позиција на (помлад полицаец) – возач на поранешниот премиер Зоран Заев и воедно зет на поранешниот директор на БЈБ Лазе Велковски, дирекно е унапреден во раководството на Сообраќајна полиција Скопје за началник – реагира Синдикатот на македонската полиција.
„Со тоа продолжува праксата да се унапредуваат лица во МВР без да ги исполнат условите кои ги налага систематизацијата и законите, со избирање подобни кадри кои се во тесна партиска и фамилијарна спрега со функционери. Ваквите кадри се срам и понижување за сите вработени во МВР“ – реагира Синдикатот.
„Го прашуваме министерот, г-дин Спасовски, дали послушните партизирани комисии за унапредување и распоредување и ноќе работат ама со посебен терк од оној законскиот? И дали сè функционира така што, на пример, откако ќе им се јави моќен функционер, веднаш истите се должни да постапат по желби и амбиции на шофери и зетовци, кои во МВР се стекнуваат со функции по само некоја година работен стаж и без доволно работно искуство од позиција (помлад полицаец) – пишува Синдикатот во своето известување објавено на неговата Фејсбук-страница.