НЕ Е ШЕГА, ЈА ПОСЕТИВМЕ ОБУКАТА НА ВОЗАЧИТЕ НА АВТОБУСИ ШТО ЌЕ БЕГААТ ОД ЈСП ЗА ГЕРМАНИЈА Луѓето ги пакуваат куферите, прво ќе полагаат во Словенија

Плусинфо посети група од 37 возачи кои во скопски „Континентал“ беа на обука за полагање на „КОД 95“, кој им е потребен да возат во ЕУ. Ги обучуваше предавач од Србија, кој досега обучил 18.000 возачи на автобуси и камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и од Црна Гора, за да добијат „КОД 95“. Сите си заминале во Европа и работат таму.

14,950

Вкупно 37 возачи на автобуси успешно ги завршија тридневните обуки во скопскиот хотел „Континентал“. Веќе в среда тие ќе отпатуваат за Кршко, Словенија, каде ќе полагаат за „КОД 95“, кој им е потребен за да возат во Европската Унија. Германска компанија од Мајнц веќе има договорено 168 возачи на автобуси од Македонија.

Плусинфо во неколку наврати пишуваше дека од ЈСП „Скопје“ ќе си заминат стотина возачи поради лошите услови за работа. Денеска (недела, 8 октомври) ја посетивме обуката. Предавачот Далибор Млаѓеновиќ, од српската компанијата „КОДА 95“, беше ангажиран да ги обучи возачите за успешно да ги поминат тестовите.






– Мислам дека имавме успешни три дена тука во Скопје. Групата ја подготвуваме за полагањата за „КОД 95“ во Словенија. Секој од возачите ќе има 1,5 часа возење автобус и мислам дека тој дел ќе го поминат без проблем, бидејќи се луѓе со големо искуство. Во обуката посветивме внимание на теоретскиот дел, бидејќи европските регулативи за возачите се посебни и се разликуваат од ие на Балканот. Откако ќе положат, возачите ќе го добијат посакуваниот код и потоа ќе можат да заминат за Германија – ни изјави Млаѓеновиќ.

Тој ни рече дека е изненаден од фактот што германската компанија, чие име на Плусинфо му е познато, успеала одеднаш да договори толку многу возачи на автобуси, бидејќи досега работел со помали групи од 20 до 30 возачи.

– Навистина станува збор за голема бројка. Но, јас искрено ниту знам каде ќе возат, ниту колку ќе ги плаќаат и што ќе им понудат. Јас од германската компанија бев ангажиран да ја извршам обуката, па затоа другите детали не ме интересираат. Мене Германците ми кажаа дека биле неколку денови во скопскиот хотел „Хилтон“ и тука се договарале со возачите – објаснува Млаѓеновиќ.

Тој е човек кој досега обучил повеќе од 18.000 возачи на автобуси и камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и од Црна Гора, за да добијат „КОД 95“. Сите си заминале во Европа да работат.

Како што ни објасни тој, во разговор со кандидатите дознал во каква состојба е  ЈСП „Скопје“ и разбрал дека од 120 од 130 возачи се токму од ова јавно претпријатие.

– Нормално е кога луѓето не се задоволни со условите за работа, да си ја побараат среќата на друго место. Како што ми кажаа некои од возачите, платите им се помали од 500 евра, а и тие им доцнат. Работат дополнителни часови кои треба да им се платат, но бидејќи немало пари, им давале слободни денови, кои потоа не можат да ги искористат, затоа што нема кој да вози. Луѓето се разочарани, треба да мислат на своите семејства. А како што можете да видите и самите, повеќето се сериозни луѓе и се одлучуваат на ваков радикален чекор. Речиси 90 проценти од нив велат дека следниот чекор, доколку успеат да се вклопат во новата средина, е да ги повлечат и своите семејства – додава Млаѓеновиќ.

На крајот од предавањето, Млаѓеновиќ им порача на возачите да повежбаат дома, особено на тестовите и да внимаваат со ракописот. Во нивната вештина на возење воопшто не се ни сомнева.

– Додека повторувате пишувајте, тоа е многу важен дел од полагањето. Мислам дека сите сте подготвени, но бидете внимателни. Јас ќе ве чекам во Кршко, таму ќе поразговараме пак пред полагањето, а здравје во сабота ќе можеме да се напиеме по некое пиво и да прославиме – им рече Млаѓеновиќ.

Тој ја покани и екипата на Плусинфо да биде гостин на некое од следните патувања во Словенија, бидејќи, како што кажа, повторно ќе треба да дојде во Скопје и да одржи обука, но ќе чека германската компанија да каже кога планира да ја земе следната група на возачи на автобуси од Македонија.

Плусинфо пред неколку дена испрати електронска порака до германската компанија која ги ангажира возачите на автобуси од Македонија, за да ни објаснат кои услови им се понудени на нивните идни вработени, но засега сѐ уште немаме добиено повратен одговор.

Поврзани содржини