ВООБИЧАЕНИ КОНЗЕРВАНСИ ВО СЕКОЈДНЕВНАТА ХРАНА ПОВРЗАНИ СО РАК И ДИЈАБЕТЕС ТИП 2 Еве што покажуваат резултатите од две нови француски студии
Француски истражувања укажуваат на тоа дека вообичаени конзерванси кои се користат за одржување на безбедноста на храната и продолжување на рокот на траење, можат да бидат поврзани со поголем ризик од неколку видови на рак и дијабетес тип-2. Експертите советуваат повеќе свежа и минимално преработена храна
Конзервансите што секојдневно се користат за продолжување на рокот на траење и безбедноста на храната би можеле да бидат поврзани со зголемен ризик од одредени видови рак и дијабетес тип 2, покажуваат резултатите од две нови француски студии.
Истражувањата се базираат на податоци од долгорочната студија NutriNet-Sante, започната во 2009 година, која анализирала повеќе од 170.000 онлајн прашалници за исхрана и животни навики, споредени со медицински податоци од националниот здравствен систем на Франција.
Главната истражувачка Матилд Тувие истакнува дека резултатите се особено важни затоа што станува збор за конзерванси што се користат на францускиот, европскиот, но и на американскиот пазар. Таа нагласува дека се потребни дополнителни истражувања и внимателна интерпретација на наодите.
Што покажува студијата за рак?
Студијата за рак, објавена во јануари во медицинското списанието BMJ, ги следела навиките во исхраната на околу 105.000 лица без дијагностициран рак на почетокот на истражувањето, во период до 14 години.
Вклучени биле само оние кои често пополнувале 24-часовни прашалници за храна специфични за секој бренд. Луѓето кои јаделе храна со најмногу конзерванси биле споредени со оние кои јаделе храна со најмалку конзерванси. Истражувачите, исто така, внимателно разгледале 17 конзерванси што ги консумирале најмалку 10 проценти од учесниците и откриле дека 11 од нив не биле поврзани со рак. Сепак, шесте што биле поврзани со рак се на листата на GRAS адитиви (Generally Regarded As Safe – генерално признаени како безбедни) на Американската администрација за храна и лекови. Тие се натриум нитрит, калиум нитрат, сорбати, калиум метабисулфит, ацетати и оцетна киселина.