ВОНРЕДНА ЗОНА ВО БАНГКОК, ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ВО МЈАНМАР Граѓаните повикани да избегнуваат високи згради и да останат смирени

Прогласена е вонредна состојба во регионите Сагаинг, Мандалеј, Баго и Магвеј, како и во источната држава Шан.

334

Премиерката на Тајланд Паетонгтарн Шинаватра го прогласи главниот град Бангкок за „вонредна зона“ по силниот земјотрес што го погоди соседен Мјанмар.

Голема зграда во областа на паркот Чатучак се урна, при што загина најмалку едно лице, а има информации за штети низ градот, јави Си-Ен-Ен.






Шинаватра „веднаш му наложи на Министерството за внатрешни работи да го прогласи Бангкок за вонредна зона и да ги извести провинциите ширум земјата да ја третираат ситуацијата како национална вонредна состојба, овозможувајќи итна јавна помош доколку е потребно“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерката.

„Премиерката веднаш се враќа во Бангкок и ја повикува јавноста да избегнува високи згради, да користи само скали и да остане смирена. Сите владини агенции се брифирани, а училиштата добија инструкции да ги испратат децата порано дома“, се вели во соопштението.

Владата предупреди дека може да има нови потреси во следните 24 часа. Силен последователен потрес со јачина од 6,4 степени го погоди Мјанмар по првичниот земјотрес со јачина од 7,7 степени.

Хунтата во Мјанмар прогласи вонредна состојба во Мандалеј и Најпидау

Хунтата во Мјанмар прогласи вонредна состојба низ целото подрачје на центарот на земјата, вклучително и во вториот по големина град Мандалеј и главниот град Најпидау.

Прогласена е вонредна состојба во регионите Сагаинг, Мандалеј, Баго и Магвеј, како и во источната држава Шан, јави Си-Ен-Ен.

Вонредна состојба е прогласена и во Нејпудау, главниот град на земјата кој е седиште на највисокото раководство на хунтата.

Големи делови од Мјанмар сѐ уште се вон контрола на хунтата додека таа се бори со етничките бунтовнички групи и продемократските борци по преземањето на власта со државен удар во 2021 година.

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди центарот на Мјанмар. Епицентарот бил на 16 километри северозападно од градот Сагаинг, на длабочина од 10 километри. Силни потреси биле почувствувани стотици километри подалеку во Тајланд и југозападна Кина.

Зошто е тешко да се добијат информации од Мјанмар

Со Мјанмар од државниот удар во 2021 година управува воена хунта, што го отежнува пристапот до информации, јави Би-Би-Си.

Државата ги контролира речиси сите локални радио, телевизија, печатени и онлајн медиуми.

Употребата на Интернет е исто така ограничена.

Комуникациските линии, исто така, се чини дека се прекинати бидејќи Би-Би-Си не може да стигне до агенциите за помош кои се терен.

Поврзани содржини