ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ВО ЧУЧЕР САНДЕВО, 7 ПОЖАРИ АКТИВНИ НИЗ ДРЖАВАТА Огнот не стивнува, граѓаните во паника, се вклучуваат хеликоптери и „хермелини“
Од утрово, според најава на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, се интервенира и од воздух со цел конечно да се скроти овој огнен фронт.
Ноќта зад нас беше исклучително драматична за жителите на општина Чучер Сандево. Поради пожарот кој неколку дена беснее помеѓу селата Блаце и Чучер, општинските власти прогласија вонредна состојба, а теренот и натаму е зафатен од пламени јазици кои се шират низ непристапна мешана шума, потпомогнати од силниот ветер.
Градоначалникот Сашко Комненовиќ во вечерното видеообраќање алармираше дека ситуацијата излегла од контрола. Според него, реакцијата на институциите била бавна, а дел од најавените ресурси од Владата, како што се „хермелините“ за гаснење, речиси и да не биле присутни на теренот.
– Ситуацијата е сериозна и бара вклучување на сите расположливи ресурси. Не критикувам – алармирам. Од вчера до сега пожарот не е ставен под контрола, а забележав само еден „хермелин“ во целото подрачје – изјави Комненовиќ.
Од утрово, според најава на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, се интервенира и од воздух со цел конечно да се скроти овој огнен фронт.
Во моментов, седум пожари се сè уште активни низ државата – освен оној во Чучер Сандево, со пламени јазици се борат и во Прилеп, Македонски Брод, Чашка, Шуто Оризари, Дојран и во Крива Паланка. Еден пожар во Делчево е локализиран, додека пожарот кај селото Самаково во Македонски Брод е под контрола.
Истовремено, службите известија дека 23 пожари се веќе изгаснати, благодарение на брзата реакција на противпожарните единици, месното население и координацијата со надлежните институции.
И покрај делумните успеси, гаснењето на пожарите продолжува и денес, а вниманието е насочено кон најкритичните точки, особено во Чучер Сандево, каде што битката со огнот сè уште трае.