Вонредна состојба

2,362

Правниците секогаш ќе најдат решение кое што ќе ја задоволи политиката. Ние од политичките науки, пак, треба внимателно да ги следиме политичките процеси под вонредна состојба, облик на владеење со кој се спроведуваат наредбодавни овластувања во моменти на криза.

Еве што забележувам. Никој во нашата држава не знае од искуство што нѐ чека затоа што вонредна состојба не сме имале до сега. Оттаму и непознаниците како за вирусот така и за развојот на политичката ситуација. Состојбата со здравствената криза бара многу дисциплина која ние како народи не ја поседуваме, па оттаму ќе ни биде наложена. Притоа, како пред прогласувањето на вонредната состојба, политичките процеси на управување со државата и натаму ќе се одвивааат во истите услови на взаемна недоверба и цинизам меѓу партиите. А, сепак, мораме да признаеме дека решението по кое што посегнавме е мошне популарно и е поддржано како од партиите на власт така и од оние во опозиција. Зошто?






Прво, демократијата никогаш не ни легна на срце зашто дисциплината и одговорноста кои таа ги подразбира не се дел од нашиот вредносен систем, па сме склони нејзините процедури да ги сметаме за губење време, особено во моменти кога посакуваме брзо да ја решиме болеста. Згора на ова, претпоставувам дека длабоко во себе поголемиот дел од населението верува дека карактерот на заканата, заразата на корона вирусот која нѐ загрозува сите, е доволна причина сите да нѐ обедини во војната против болеста. Но, старите мајстори на политиката предупредуваат дека војната, а ова е еден вид војна, ги лишува граѓаните од нивната лесна живеачка и е груб учител кој го свлечкува човековото поведение на ниво на околностите.

Политичкиот систем на Македонија, изминативе месеци, се најде во една многу специфична ситуација. Пандемијата не соочи со нужноста од одлагање на изборите. Соочени со веќе распуштен парламент, кој, по мислењето на поранешниот претседател на парламентот, не може повеќе да се свика, се определивме за она што во политичките системи на некои демократии се нарекува уставна диктатура. Зарем не е поедноставно и поефикасно да се справиме со епидемијата на тој начин? Тој што прашува не знае дека во политиката најкраткиот пат меѓу две точки не мора секогаш да биде правата линија. Оти, како што веќе гледаме, политичките процеси продолжуваат по старо: опозициската партија која најгласно инсистираше на вонредна состојба (!?) како да жали по демократијата и секојдневно приговара дека не се земаат предвид нејзините ставови за борба со болеста и нејзините мерки за економијата.

Во отсуство на парламентот како платформа на која партиите ги презентираат своите ставови и влијаат на јавното мислење и на државната политика, се плашам дека политичката пресметка би можела да се вжешти наместо, поради епидемијата, да стане поумерена. Водачот на опозицијата не ја прекинува играта на политичко наддавање, нудејќи партиски решенија за кризата. Во одговор на ова, досегашниот премиер, во име на својата партија, нуди сопствена програма. Ова се загрижувачки сигнали на разногласие во моменти кога ни треба единство околу политиката на Пржинската влада и на претседателот на државата.

Извор: Инбокс 7

Поврзани содржини