Воин Божинов: Бугарија има интерес С Македонија да биде независна држава бидејќи така ќе ја прекине врската Белград – Атина
Бугарскиот историчар, член на БАНУ смета дека во земјава има антибугарска хистерија со што македонизмот не е само идеологија, туку и ментално отстапување,
Стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да постои како независна држава, бидејќи на тој начин се раскинува копнената врска помеѓу Србија и Грција, која во минатото секогаш ја задушувала Бугарија, изјави Воин Божинов, бугарски историчар и член на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН) за бугарското национално радио.
– Нашата дипломатија мора да има крајно рафинирани начини на дејствување. Од една страна, треба да ги заштити нашите национални интереси, а од друга, треба да покаже дека Република Северна Македонија има место во европското семејство со цел во неа да не започнат деструктивни процеси кои може да доведат до нејзино распаѓање. Нашиот генерален интерес е Република Северна Македонија да постои како независна држава бидејќи нејзиното присуство на картата ја раскинува копнената врска помеѓу Србите и Грците, што е наш голем интерес бидејќи тоа е граница што секогаш ја задушуваше Бугарија – вели Божинов.
Тој смета дека во земјава има антибугарска хистерија со што македонизмот не е само идеологија, туку и ментално отстапување, а самодовербата во земјата доаѓа од политичка класа која била создадена во Југославија, како и од фактот дека некои европски држави стојат зад Северна Македонија.
– Крајно време е земја како Германија да каже каква позиција зазема и јасно да каже дали стои зад членка на Европската унија или зад земја која е кандидат за Европската унија. Очигледно Германија има политички и економски интереси на Балканот. Проширувањето на ЕУ значи проширување на германското влијание во нашиот регион – вели историчарот.
Според него погрешно е што земјава смета дека по изборите политиката во Бугарија ќе се промени. Тоа го потврдува и со средбата на Владо Бучковски со опозициските лидери.