ВОЕНИОТ БУЏЕТ ГО ГОРИ КРЕМЉ Путин признава финансиски притисок, се бара договор со Украина
Путин рече дека Русија е подготвена за нов круг преговори, потенцијално во Истанбул, но нагласи дека засега не е договорен точен датум ниту локација.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да ги намали воените трошоци на долг рок, поради растечкиот буџетски притисок што го предизвикуваат зголемените расходи за одбрана. Според него, тие трошоци веќе почнале да ја поттикнуваат инфлацијата.
Изјавата ја даде во Минск, на самитот на Евроазиската економска унија, каде повторно ја отвори темата за можно продолжување на мировните преговори со Украина.
Путин рече дека Русија е подготвена за нов круг преговори, потенцијално во Истанбул, но нагласи дека засега не е договорен точен датум ниту локација. Притоа призна дека сè уште постојат сериозни разлики меѓу двете страни во однос на предлозите разгледувани на претходните рунди од разговорите.
– Сепак, останувам оптимист, дијалогот може да помогне да се надминат разликите – изјави Путин, додавајќи дека преговарачките тимови од Русија и Украина се во постојан контакт.
Како дополнителен потег на добра волја, Путин најави и дека Русија е подготвена да ги врати телата на околу 3.000 украински војници загинати во борбите.