„ВОДЕЊЕТО ДРЖАВА Е КАКО ДА СКОКАШ СЕКОЈ ДЕН СО ПАДОБРАН“ Ако направам грешка, страдаат Италијанците, предупреди Мелони
Италијанската премиерка Џорџа Мелони на церемонија во тајната служба го спореди водењето на државата со скок од падобран – секојдневна битка без простор за грешки, со огромна одговорност на грбот.
Водењето на Италија не е шега – тоа е како да скокате со падобран секој ден и да се молите тој да е правилно спакуван. Со оваа силна метафора, италијанската премиерка Џорџа Мелони се обрати на свечена церемонија за прием на нови вработени во италијанската тајна служба, испраќајќи порака за тежината и сериозноста на секојдневните одлуки што ги носи како лидер на нацијата.
Мелони ја раскажа инспиративната приказна за американскиот пилот Чарлс Пламб, кој преживеал пад откако неговиот авион бил соборен во Виетнам, благодарение на морнарот кој му го спакувал падобранот. Пилотот подоцна му се заблагодарил, сфаќајќи дека неговиот живот зависел од таа невидлива, но клучна задача.
– Во свет што се менува толку брзо, сликата на скок со падобран не е само метафора, таа многу точно ја отсликува реалноста со која се соочуваат оние што ја водат нацијата. Ако мојот падобран не е правилно подготвен, нема да страдам јас, туку друг Италијанец – предупреди Мелони.
Премиерката додаде дека многу од одлуките мора да се носат во движење, често без доволно време за подготвка, но под огромен притисок од реалноста.
Нејзината коалиција е на власт речиси три години, редок период на стабилност во политички турбулентната Италија, посочува британскиот весник „Гардијан“.