ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО СТРУМИЦА Е ЗАГАДЕНА СО АМОНИЈАК И СО МАНГАН Целиот водоводен систем не бил чистен и хиперхлориран
На сила останува изречената забрана од Агенцијата за храна и ветеринарство за употреба на водата за пиење од водоводната мрежа на ЈКПД Комуналец од Струмица.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од земените мостри вода од 8 мерни места во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор на АХВ на акумулацијата Турија на 4 октомври.
Водата за пиење во градскиот водовод во Струмица, која доаѓа од оваа акумулација, не е безбедна за пиење!
Каско што е познато, по инспоекциот надзор на 4 октомври, АХВ објави дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа, повеке години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, а за време на елементарни непогоди и зачестено. Тогаш беше утврдено дека во моментов целиот систем е контаминиран, поради што беше наредено да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно вршење на лабораториски анализи по спроведувањето на мерките.
АХ сега потврдува дека ниту една од осумте мостри земени на 4 октомври, анализирани во лабораториите на ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија, не одговараат на параметрите за безбедност во однос на испитаните параметри од физичко–хемиската анализа.
Мострата вода после таложник, земена од фабриката за обработка на вода Струмица, не е безбедна поради утврдена зголемена содржина на амонијак и манган, исто како и земените мостри од ЈКПД Комуналец Стопански двор Струмица и мострата од резервоар Св. Петнаесет – Струмица.
Поради зголемени вредности на параметрите матност и присуство на амонијак не е безбедна ниту сировата вода земена од фабриката за обработка на вода –Струмица, а поради зголемена матност, присуство на амонијак над дозволените граници и утврдено значително зголемено присуство на манган, небезбедна е и мострата вода која е земена фабриката за обработка на вода од ЈКПД Комуналец Струмица земена пред таложник.
Зголемена содржина на манган е утврдена и кај анализираните мостри вода земени после филтри од ЈКПД Комуналец Струмица, фабрика за обработка на вода, површинска вода – зафатна вода од акумулација Турија, кај која е утврдено и зголемена матност. Согласно резултатите од ЈЗУ Институт за јавно здравје, ниту овие две мостри не одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри од физичко–хемиската анализа.
Поради небезбедност, на сила останува изречената забрана од Агенцијата за храна и ветеринарство за употреба на водата за пиење од водоводната мрежа на ЈКПД Комуналец од Струмица, стои во соопштението од АХВ.