ВОДАТА ВО ООУ „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“ Е ИСПРАВНА Санитарната контрола потврди дека нема здравствен ризик
ЈП „Водовод и канализација“-Скопје потврди дека водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ може безбедно да се користи, додека надлежните институции чекаат резултати од анализите на храната и на површините.
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош е санитарно исправна и може непречено да се користи, соопшти ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, по извршениот вонреден мониторинг на 26 ноември, по пријава од основното училиште.
Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје информираат дека Секторот за санитарна контрола земал четири примероци вода од две локации – училница и кујна. Два примероци биле за физичко-хемиска анализа, а два за микробиолошка.
– Од добиените резултати, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18). Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е санитарно исправна и може непречено да се употребува, потенцираат од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.
Инаку, на 26 ноември, во училиштето во Влае, голем број ученици се пожалиле на стомачни тегоби. Надлежните институции веднаш извршиле земање мостри од храна, вода, како и брисеви од површини и вработени. Резултатите од овие анализи се очекуваат да бидат познати до крајот на денот.
– Секој сигнал за здравствен ризик се третира сериозно, особено кога станува збор за основни училишта, изјавија од надлежните институции.
Надлежните ги повикуваат родителите да ги следат здравствените состојби на своите деца и да се обратат кај лекар доколку забележат симптоми како повраќање, дијареа или болки во стомакот.
Google тагови:
ООУ Димо Хаџи Димов, Карпош, Влае, санитарно исправна вода, стомачни тегоби, анализа на вода, здравје на ученици