ВОДАТА ВО ГОСТИВАР И ПОНАТАМУ НЕ Е БЕЗБЕДНА Сите примероци покажале микробиолошка неисправност
Сите анализирани примероци од гостиварскиот водовод покажале микробиолошка неисправност. Засилено е хлорирањето на системот, а испитувањата ќе продолжат сè додека водата не биде целосно безбедна за пиење.
Емилија Јанеска, која е дел од лабораториско-експертскиот тим од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на прес-конференцијата на Кризниот штаб во Гостивар даде стручно објаснување за текот на испитувањата на водата од гостиварскиот водовод.
Таа посочи дека пред два дена биле земени девет примероци, од кои три од самите каптажи, со цел да се утврди квалитетот на водата на изворот.
Јанеска истакна дека шесте примероци земени од повеќе локации во Општина Гостивар покажале хемиска неисправност, односно било утврдено отстапување во нивото на резидуалниот хлор.
– Во однос на микробиолошката исправност, кај сите примероци е утврдено отстапување, што се должи на недоволниот процес на дезинфекција – рече Јанеска.
По консултациите со колегите од Секторот за експлоатација и одржување при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во текот на денот биле преземени конкретни мерки.
– Заменет е типот на хлоринаторот кај каптажата и започнато е хлорирање со повисока концентрација на хлор, во согласност со Правилникот за безбедност на водата за пиење, кој предвидува вакви мерки во кризни состојби. Концентрацијата е нешто повисока од вообичаената, но е целосно безбедна – нагласи Јанеска.
Таа додаде дека, како претставници на акредитирана лабораторија, и во наредните денови ќе продолжат континуирано да земаат примероци од истите локации за да го следат квалитетот на водата.
– Сè додека не утврдиме дека водата е целосно исправна за пиење, ќе продолжиме со испитувањата. Во моментот кога ќе се потврди дека водата е санитарно исправна и безбедна за употреба, веднаш ќе биде известен Кризниот штаб – истакна Јанеска.