ВОДАТА ВО БЕРОВО ЗАБРАНЕТА ЗА ПИЕЊЕ И ЗА ГОТВЕЊЕ! Презаситена е со манган
Водата од јавниот водовод што ја одржува ЈПКР „Услуга“ Берово може да се користи исклучиво како техничка вода, сè додека не се доведе во безбедна состојба и не ги исполнува стандардите за вода за пиење.
Агенцијата за храна и ветеринарство, преку Секторот за инспекциски надзор ПЕ – Берово, денеска донесе решение со кое се забранува користење на водата од водоводната мрежа во Берово за пиење и готвење.
Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ информира дека според решението, водата од јавниот водовод што ја одржува ЈПКР „Услуга“ Берово може да се користи исклучиво како техничка вода, сè додека не се доведе во безбедна состојба и не ги исполнува стандардите за вода за пиење.
Забраната е воведена поради отстапувања во физичко-хемиската анализа на водата, односно утврдена зголемена концентрација на манган, што е спротивно на вредностите пропишани со Правилникот за вода за пиење.
На ЈПКР „Услуга“ Берово му е наложено да преземе соодветни мерки за преработка и прочистување на водата со цел нејзино усогласување со стандардите за безбедност.
Општината апелира до граѓаните водата од водоводната мрежа да ја користат само за технички цели, додека лабораториските анализи од акредитирана лабораторија не потврдат дека квалитетот е во границите пропишани со правилникот.
Состојбата ќе трае до добивање на резултати кои ќе ја потврдат исправноста на водата за пиење.