ВОДАТА СЕ ПОВЛЕКУВА, ОПАСНОСТА СÈ УШТЕ ТРАЕ Еве каде интервенираат службите низ Македонија

Механизација, комунални служби и спасувачки екипи се ангажирани во повеќе региони, дел од патиштата се затворени, а евакуирани лица се згрижени во Охрид.

462

Јавните комунални претпријатија и надлежните институции се на терен низ повеќе региони во земјава и активно се справуваат со последиците од обилните врнежи и поплавите, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од таму велат дека состојбата постепено се стабилизира, но интервенциите продолжуваат.

Во Пелагонискиот регион, во битолската населба Стрчин, ЈКП „Нискоградба“ интервенира со механизација за расчистување на улиците од чакал и земја. Во селото Жабени, екипи на ЈП „Водостопанство“ работат на уредување на коритото на Жабјанска Река, додека кај Елешка Река се евидентирани поплавени земјоделски површини, но нивото на водата е во опаѓање.






Во Ресенско, општинските служби, ЈКП „Пролетер“ и службите задолжени за одржување на магистралните и регионалните патишта вршат обиколка и санација на погодените подрачја, при што состојбата е оценета како стабилна. Во Крушево, комуналните служби, противпожарната единица и надлежните институции работат на зајакнување на насипите кај критичните точки и внимателно го следат водостојот на Црна Река.

Во Демир Хисар, локалниот пат кон селото Мренога е затворен поради оштетен мост, додека во општина Долнени механизација е ангажирана за расчистување на одводните канали во селата Лажани и Пешталево.

Во Југозападниот регион, во Охрид, екипи на ТППЕ и комуналните служби испумпуваат вода од поплавени подруми. Општинските служби, Црвениот крст, Итната медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување на евакуираните лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Во Скопскиот регион, општинските служби во Зелениково ја следат состојбата на реката Вардар и потенцијално ризичните точки.

Во Полошкиот регион, во општините Тетово и Желино, СВР Тетово го забрани сообраќајот кон месноста Бањиче, а во селото Стримница е испратена механизација поради излевање на Вардар.

Во Источниот регион, во Кочани, ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер на Оризарска Река кај селото Грдовци, додека во Кратово состојбата на реките се следи без потреба од интервенции.

Во Југоисточниот регион, во Струмица, нема пријавени проблеми и состојбата е стабилна.

Во Североисточниот регион, во Куманово и околните села, ЈП „Комуналец“ интервенира со чистење на снег и посипување на патиштата во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен, а во селото Тлминци е саниран дефект на цевковод по барање на жител.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат информациите од надлежните институции.

Поврзани содржини