ВОДА ВО ПУСТИНА ЌЕ НАЈДЕШ, АМА НЕ И ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА Мајката на Пино разочарана од одлуката за ослободувањето на Ангела Ѓорѓиевска
Ангела Ѓорѓиевска беше осудена поради свирепото убиство на Пино Секондо. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна за помагање во извршување на убиството во 2018 година.
„Вода во пустина ќе најдеш, ама правда во Македонија тешко“. Вака мајката на убиениот Пино Секондо, Маја Трпковска, ја искоментира одлуката на Апелација да ја укине 19-годишната затворска казна за Ангела Ѓорѓиевска, која се терети дека му помогнала на Али Фуркан во извршувањето на свирепото убиство.
Информацијата за укинувањето на пресудата вчера за Плусинфо ја потврди адвокатот Еленко Миланов, кој ја застапуваше обвинетата пред Кривичниот суд. Тој истакна дека укинувањето на затворската казна се случило поради суштествена повреда на постапката, како и поради погрешно утврдување на фактичките состојби.
Како што беше наведено во обвинителниот акт, на 11 декември 2018 година, Ѓорѓиевска го повикала Секондо и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров, а таму веќе бил пристигнат Фуркан, кој бил вооружен со пушка. Фуркан го оставил своето возило на насипот и седнал да управува со возилото на Секондо, додека на совозачкото седиште седела Ѓорѓиевска, а на задните седишта седел Пино.
Оттаму, како што е наведено во обвинителниот акт, тројцата се упатиле кон селото Арачиново, каде што во една нива Фуркан Али го застрелал Пино во главата. Осудената Ѓорѓиевска се товари за тоа што овозможила оштетениот да се сретне со убиецот иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.
Телото на Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, кај селото Љуботен.