(ВО ЖИВО) „ЗАЕДНО СЕ БОРИМЕ, ЗАЕДНО ЌЕ УСПЕЕМЕ!“ Со изведба на македонската химна од детски хор во Филхармонија започна одбележувањето на 8 септември
На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Со изведба на македонската химна од страна на детски хор во Македонската филхармонија започна одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
На Свечената академија во организација на Владата ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески, а програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.
Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.
На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Како што претходно соопшти владината прес-служба, настанот е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.
Бројни функциониери, лидери на партии и јавни личности го честитаа денешниот празник.
Меѓу бројните одбележуваља, делегација на СДСМ составена од пратеникот Митко Трајчулески, претседателот на СДММ Трајче Стојчевски и Викторија Мадиќ денеска оддаде почит и положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на Претседателот Борис Трајковски, на почивалиштето на првиот премиер Никола Кљусев и на споменикот на борците од НОБ.
Делегација на Левица составена од членовите на Централниот комитет, Андреа Јанков, Гордана Ивановска и Марјан Димитриев, положи свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци на НОБ во Алејата на великаните во Бутел.
Делегација на Општина Берово, Здружението на пензионери, Организацијата од резервни офицери, како и партиски делегации, денеска положија цвеќе на спомен-костурницата во Берово.
Во организација на Општина Велес и ансамблот „Распеани велешани“, во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес се одржа традиционална вечер на „Староградски македонски песни 2024“, на која учествуваа градските ансамбли „Распеани Велешани“, „Распеани Валандовчани“ и „Распеани Гевгеличани“.
Се очекуваат и други настани во текот на денешниот ден.