ВО ЖЕНЕВА ЌЕ СЕ РАСПРАВА И ЗА ТЕРИТОРИИТЕ, ВЕЛИ ПЕСКОВ Медински останува шеф на руската делегација
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека покрај безбедносните теми, во разговорите во Женева ќе се отворат и клучните прашања поврзани со териториите во војната во Украина.
Прашањето за украинските територи ќе биде дел од дискусиите на претстојните преговори во Женева. Тоа го потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најавувајќи дека за разлика од претходните средби во Абу Даби делегациите ќе разговараат за поширок спектар на теми.
Песков соопшти дека руската делегација ќе биде побројна. Шеф ќе остане Владимир Медински, специјален претставник на рускиот претседател. На прашањето зошто Медински не бил присутен во Абу Даби Песков изјави:
– Бидејќи имаше дискусии за безбедносни прашања, односно теми што директно се поврзани со воените прашања, нашата група ја водеше генералот Костјуков – рече Песков.
Во делегацијата на Русија во Женева ќе учествуваат и заменик-шефот на дипломатијата Михаил Галужин, како и началникот на Главната разузнавачка дирекција на Генералштабот на вооружените сили, Игор Костјуков.
– Овој пат е планирана дискусија за поширок спектар теми, вклучително и клучни прашања – оние што се однесуваат на териториите и сè останато – изјави тој.
Преговорите доаѓаат во период на засилени дипломатски контакти, додека војната во Украина продолжува со неизвесен исход.