ВО „ЖАН МИТРЕВ“ НЕМАЛО НЕОПРАВДАНИ КАРДИОЛОШКИ ОПЕРАЦИИ Клиниката вели дека пријавите на Кедев ги анализирал собир од врвни светски кардиолози
Сите можни дилеми на комисијата и на Кедев можеа тука да се изнесат и да се дискутираат, но наместо тоа, тој не дојде, па дури и им нареди на сите членови на комисијата овој најкомпетентен состанок за ваков проблем да го бојкотираат, тврдат од Клиниката „Жан Митрев“.
Со повлекувањето на д-р Сашко Кедев од здравствениот совет што наменски го формираше министерството за здравство, се затвора еден креиран случај за наводни непотребни операции на срце во македонските приватни болници, реагираат од Клиниката „Жан Митрев“ на веста дека Кедев се повлекол од советот што треба да го испитува случајот.
Кардиологот Сашко Кедев деновиве објави дека се полекува од здравствениот совет незадоволен од застојот во почнатите контролни процеси во приватните болници. Советот беше формиран откако тој во интервју обвини дека во приватните болници се вршат тешки и скапи кардиолошки интервенции на пациенти, дури и кога тоа не е потребно.
Од Клиниката Жан Митрев информриаат дека во нивната болница деновиве се одржал Собир на еминентни светски кардиолози, на кој меѓудругото биле разгледувани сите пријавени случаи од д-р Кедев. На стручниот собир бил повикан и д-р Кедев, но тој решил да не присуствува.
– Тука беа собрани најкомпетентните стручњаци од Европа, кои всушност ги пишуваат препораките за лекување во кардиологијата и кардиохирургијата, а кои потоа важат како правила за лекување во целиот свет.
Д-р Кедев и сите членови на комисијата, заедно со министерот за здравство и директорот на Фондот, беа уредно и навреме поканети. Министерот за здравство и директорот на Фондот беа присутни на овој значаен настан. Тука, на највисоко стручно ниво, меѓу другото, се дискутираа и сите пријавени случаи од д-р Кедев, при што беше утврдено дека кај ниту еден случај нема отстапување од препораките утврдени во редовната практика.
Сите можни дилеми на комисијата и на Кедев можеа тука да се изнесат и да се дискутираат, но наместо тоа, тој не дојде, а дури и им нареди на сите членови на комисијата овој најкомпетентен состанок за ваков проблем да го бојкотираат. Со неговата оставка и повлекување, всушност се затвора и креираниот „случај на Кедев“, за наводните непотребни операции на срце во приватните болници – велат од Клиниката „Жан Митрев“.