ВО ЗАТВОР, АМА ДОМА СО СЕМЕЈСТВОТО Еве кои затвореници ќе добијат алка на ногата
Главен таргет кој првично ќе се растерети се стари лица, тешко болни со малигни заболувања со тешки облици на болест и бремени жени и со мали деца. Тие веднаш би можеле да бидат во куќен затвор - вели директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.
Електричните алки за домашен затвор по 10 години конечно ќе бидат ставени во употреба, вели Директорот на Управата за извршување на санкции (УИС) Александар Пандов во интервју за ТВ21.
– За некои два месеца, конечно, после 10 години ќе ги бидат ставени во функција алките коишто во огромен број на европски земји и САД функционираат – вели Александар Пандов, директор на УИС.
Иако Законот на пробација (издржување казна затвор дома) стапи на сила во ноември 2016 година, досега опремата набавена за примена на законот, како што се алки за домашен затвор, монитори и софтвер не биле ставени во функција.
Куќниот затвор е и едно од решенијата за намалување на пренатрупаноста во затворите.
– Главен таргет кој првично ќе се растерети се стари лица, тешко болни со малигни заболувања со тешки облици на болест и бремени жени и со мали деца. Тие веднаш би можеле да бидат во куќен затвор – вели директорот на УИС.
Алката која во себе има џи-пи-ес (GPS) предавател, заедно со друга опрема и пробациската служба, треба да гарантираат дека осуденото лице не го напушта домот и дека алката постојано е на него.