ВО ЗАПАЛЕНА ШТАЛА ИЗГОРЕЛ ДО НЕПРЕПОЗНАТЛИВОСТ! Трета жртва на пожар во едно деноноќие
Лекари од Итната медицинска служба и јавен обвинител ќе бидат вклучени во истрагата до конечниот извештај за оваа трагедија, информира ЦУК.
Едно лице настрада во запалена штала во село Оџалија во Општина Карбинци кој избувнал денеска околу пладне, извести Центарот за управување со кризи.
Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно прво се задушил од чадот, а потоа и изгорел до непрепознатливост на идентитетот и возраста, соопшти ЦУК.
На терен биле излезени пожарникари на Територијалната противпожарна едница Штип и припадници на МВР од СВР Штип. Двете служби, субјекти во Системот за управување со кризи, се излезени на лице место и вршат увид за причините на настанатиот пожар, а според стандардните оперативни процедури, лекари од Итната медицинска служба и јавен обвинител ќе бидат вклучени во истрагата до конечниот извештај за оваа трагедија, информира ЦУК.
Инаку, од почетокот на ова деноноќие ова е трето лице настрадано во пожар. ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од ТППЕ Ранковце синоќа околу 9 часот пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено во атарот на село Псача. Уште едно лице настрадало во запалена куќа во селото Косевица кај Македонска Каменица. Екипи на противпожарната заштита тука интервенирале од 07.20 часот до 10.35 часот.