Во водата дупка

Не спорам со правото на јавен збор, напротив, но македонскиот етер е веќе токсичен, затруен со коекакви гадости и баналности, со гангренозни „ставови“ и налудничави „мислења“, со секакви самонаречени „фактчекери“ и „вистиномери“… кои одработуваат нечии агенди. И веруваат дека се занимаваат со висока политика, дека се „сила зад силата“ и адвокати на нато и еу (малите букви се… знаете веќе што!).

277

Да беа сите, или барем еден мал дел, од (квази)демократските фрази што одредени „интелектуални“ персони така одлесно ги лиферуваа(т) во јавноста практикувани од нивните фаворити – да не речам газди – Македонија ќе беше сосема поинаква држава. Како што впрочем и самиот Устав, онака „грижливо“ недоречен и оставен на секакви улични толкувања, се претвори во мртво слово на хартија, пред сѐ со неговите воведни одредби дека „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална  држава“, па и до последниот негов член. Зашто Македонија не е ни првото, ни второто, најмалку третото а воопшто четвртото…, а ние секојдневно сведочиме на растегнувањето на овие поими до невозможни граници.

Ама, по ѓаволите, Бадинтер ни го пофалил Уставот. Се разбира, ама никој не му кажа дека во пракса од него нема да остане буквално – ништо!






Не знам каде сме „најтенки“ – во првото, второто, третото или во четвртото – но знам дека само синтезата на сите четири елементи може да „произведе“ каква-таква пристојна држава. Сето друго е заебанција, политикантска игра со народот и со државата, или – во водата дупка, така помпезно пропагирана во јавноста како некаков наш дострел во локални, регионални па и пошироки размери. Како впрочем и онаа фамозна приватизација, па партизацијата на општеството, па територијалната поделба, па Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со источниот сосед (сосе протоколите), т.н. Француска рамка и др. И сето тоа според Уставот и законите!

Но сето тоа и без неопходен минимум компетентна, експертска, научна… поткрепа, а сепак разгласувано како некаков наш историски демократски напредок! Којшто, повторно, се сведува на она „во водата дупка“, или: каде сме биле – никаде, што сме правеле – ништо! Сме упропастиле една колку-толку стабилна држава, економски доволно (барем за нов почеток) развиена, земјоделски самооджлива…, па и демократски доволно поткована. Сѐ претворија во прав и пепел. Дури и културата. Но важно имаме нов „директор“ на Националната галерија директно – из Швицарске! Иако и претходната беше ист неук калибар. И сега, ако цели петнаесетина година една потенцијално врвна институција во културата ја води тотално некомпетентен, нестручен пар луѓе, какви резултати очекуваме? Ако пак тоа се помножи на цела држава, цели триесет години…?!

Вакво назадување во сите општествени сегменти светот не видел којзнае од кога. А кога, згора на сѐ, ќе ги видите на јавната, особено политичката, сцена истите провинциски ликови, оние кои цели три децении ве убедуваат во демократскиот раст на државата, ви доаѓа да… што? Да направите – што? Ама не правиме ништо, нели? И затоа тие си го играа(т) својот тридецениски политикантско-криминоген танц околу нас како нивни заложници.

Го потенцирам поимот демократија односно демократски зашто, се чини, таму лежи клучот на сите наши недоразбирања, или „недоразбирања“, како сакате. Ако пак грешам, тогаш зошто ова ни се случува?

Во една држава не може да има неколку демократии, една за онаа секта од грст параспури на чело со два-тројца бит-пазарски профитери, друга за оние нивни политички приколки постизборно влечени како партии со посебни потреби, трета за енормните апетити на самопрогласените невладини организации, четврта за оние неколкумина албански „легитимисти“ кои се обидуваат да ја наметнат монодрамата дека токму тие се официјалните претставници на албанското малцинство во државава, петта за новопечените македонски бизнис конквистадори и нивното потомство лулкани од сите влади како вистински господари на државата… итн., итн. И секако, онаа на незаборавната „пајтон интелигенцијата“, која е врв на македонската „демократија“: толку децении некој да биде така толериран, гален, плаќан… Такви демократии светот (сѐ уште) не измислил. Барем досега. Можеби тие ќе ги измислат? Не можат, се гледа, не умеат да соберат ни два и два, а говорат големи зборови за државата, за нацијата, за системот, за светот.

И сите тие, имено, мислат, но и инсистираат, државава да се прилагоди на нивните провинциски „концепти“, очекувања и барања. Тоа, се разбира, прво го очекуваа(т) од победничката на изборите македонска партија и нејзиниот коалициски партнер олицетворен во новоизгреаната албанска опција, а потоа и од целиот народ.

Македонија, македонската демократија, ако навистина постои, системот, или надлежните државни институции, ако навистина постојат, мора да ги делегитимират – институционално! – од јавната сцена сите такви квазидемократски вувузелски тонови проткаени со навивачка реа и инфламаторни странски влијанија. Нека си се дружат меѓусебе, нека се замајуваат и тапшаат по раме…, ама ова отворено подбивање со граѓанинот, со јавноста, со она што останало од здравото општество, еднаш мора да престане.

Не спорам со правото на јавен збор, напротив, но македонскиот етер е веќе токсичен, затруен со коекакви гадости и баналности, со гангренозни „ставови“ и налудничави „мислења“, со секакви самонаречени „фактчекери“ и „вистиномери“… кои одработуваат нечии агенди. И веруваат дека се занимаваат со висока политика, дека се „сила зад силата“ и адвокати на нато и еу (малите букви се… знаете веќе што!). Во такви услови македонското општество останува растргнато од лажни пророци и зли политиканти кои дури и трагедиите – како онаа во Кочани – наместо за сочувство и сострадание, го користат за политички маркетинг, за ѓаволски игри со вистината, за преусмерување на вината во туѓиот двор. Повеќето од трите децении независност Македонија се бори со самопрогласени лидери и спасители, со мафијашки кланови и политикантски врхушки. Но и со квази-интелигенција. Кои не направиле ништо конструктивно за државата освен – во водата дупка!

Стварноста, во којашто секако спаѓа и реалноста за македонската држава, се гради со дела, не со политикантски и ситносопственички провинциски флоскули, делени без усул, на сите рамништа. А ние сме преполни со нив, со некакви (само)прогласени „божествености“, „посветености“, „визионерства“, или со професионалниот патриотизам, (квази)опозиционерството, дискутабилното левичарење и слично, коишто во основа се сепак само идеи што (треба да) се овоплотуваат низ реалниот облик на активните одлуки и секојдневната практика. Нашата политикантска реалност/практика не дава основ за такви размислувања.

Ниту една лекција од времето на заробената држава, но и пред и после неа – на пример од времето на хибридната држава – се чини не е научена, уште помалку апсолвирана. Што ли уште треба да нѐ удри за некои луѓе да разберат што се случува во светот и Европа, што е добро а што зло, што е достоинство, морал, патриотизам… И што е демократија! Кај нас, очигледно, такви изненадувања не се можни во блиска иднина. А кога ова го говорам, песимизмот не е, како обично, насочен кон власта. Сосема спротивно, улогите денес се радикално сменети и „прогресивноста“ на опозицијата и нејзината клиентела сега е поцрна од кога и да е. На крај памет не ми паѓа да ја прогласам власта за безгрешна после само година дена, никако, но некои потези јасно ја дефинираат, го сакале ние тоа или не.

На пример, ставот за текот на македонскиот евроинтегративен процес и односот кон хистеријата на источниот сосед, неприфаќањето на диктат од која и да е страна инволвирана во тој процес, подигнувањето на промената на името на државата на едно повисоко морално, цивилизациско рамниште, инсистирањето на основите на демократијата и во меѓународните односи итн. Но, и некои внатрешни потези сведочат за – барем првична – решителност во борбата со криминалот, корупцијата, неодговорноста…

Прашање на блиската иднина, но и на опстанокот на државата, е дали и како ќе продолжат или ќе потклекнат, како и сите останати, пред внатрепартиските апетити и амбиции, пред „сладострастието“ на власта, евентуалните ниски побуди и др. И дали неповратно ќе ги голтне „дупката во водата“ направена од претходните!?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини