Во владина процедура нов закон за спречување и заштита од дискриминација
Не смееме да дозволиме грѓаните да бидат без заштита од дискриминација по кој било основ. Предлог законот го предлагаме во речиси идентична форма како онаа изгласана во Собранието и која беше усогласена со стандарди меѓународни - изјави министерката Шахпаска.
Министерство за труд и социјална политика до Владата ќе достави нов предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник.
Единствена измена е во начинот на избор на членовите на комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои се предлага да ги бира комисија за селекција составена од седум члена, по два од власт и опозиција и три члена од граѓанското општество, наместо на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.
– Не смееме да дозволиме грѓаните да бидат без заштита од дискриминација по кој било основ. Предлог законот го предлагаме во речиси идентична форма како онаа изгласана во Собранието и која беше усогласена со стандарди меѓународни. Тој доби позитивно мислење и од венецијанската комисија и граѓанските организации од областа на човековите права. Единствена измена е постапка и начин на избор на членовите на комисијата за спречување и заштита од дискриминација да се бира на транспрентен и отчетен начин по пример на членовите на ДКСК, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Според неа, и овие измени кои се вметнати во предлог законот се изработени во согласност со граѓанскиот сектор.
Овој закон, рече министерката Шахпаска, треба да воспостави принцип на еднаквост и заштита од дискриминација во остварување на човековоте права и слободи.
– Со него, се доближуваме до меѓународните стандарди од ОН и ЕУ, а нашите граѓани ќе добијат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува еднакви услови за развој на сите, рече министерката за труд и социјална политика.