Во Виница се градат 36 социјални станови, ќе се инвестира и во градскиот водовод

383

Изградбата на првата социјална зграда во Виница се интензивира и се очекува во планираниот период од 18 месеци објектот да биде завршен.

Увид во градежните работи направија министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, при што констатираа дека според сегашната динамика на градба, социјалната зграда може да биде ставена во функција и пред рокот.






– Европската централна банка  преку која оди проектот Ф/П 1674 е исклучително задоволна од постоечката динамика на неговата реализација,  со нивните претставници сме во преговори за уште неколку проекти кои ќе продолжат како замена за постоечкиот – рече Трајковски.

Генералниот директор најави дека во следната една ипол до две години се  отворени вкупно 13 градилишта за згради со социјални станови. На прашањето дали е можен застој во моментов поради вирусот ковид -19, Трајковски одговори дека максимално се почитуваат  сите пропишани мерки и препораки, бидејќи како што рече, никој не сака ситуација во која поради еден заболен би се затворило целото градилиште.

Според министерот Сугарески, објектот во Виница е еден од низата проекти  во рамките на актуелната градежна офанзива. Тој напомена дека во моментов во земјава се градат социјални згради уште на 4 локации- во скопската општина Бутел, Пробиштип, Свети Николе и Неготино.Оттука, според него, сите овие проети се само уште една потврда дека нема застој во капиталните инвестиции кои се реализираат во сите сфери.

– Социјалната зграда во Виница е еден од проектите со кој ќе им помогнеме на 36 најзагрозени семејства од општината. Според информациите од изведувачот, а и она што го видовме на терен, најверојатно таа ќе биде завршена многу порано до планираното. Освен овде, во моментот се градат 500 социјални станови во повеќе општини, меѓу кои и Пробиштип, Свети Николе, Неготино и Бутел. Покрај овој проект, во моментот разговаравме и за проширување на филтер станицата од градскиот водовод во Виница – истакна министерот Сугарески.

Поврзани содржини