Во Велес уште еден заразен, а сите дијагностицирани случаи во земјата веќе се преку локален пренос на вирусот
Дали во Велес има уште еден заразен со коронавирусот, кој не е влезен во денешната евиденција, а веќе има потврда и од матичнот лекар и што да прават оние граѓани кои чекаат да се тестираат а веќе имаат тешки симптоми на болеста, но не ги примаат во болница? Како и на кој начин се заразиле новите случаи и колку време треба за добивање на резултатите од тестот – се интересираа денеска новинарите на прес-конференцијата на министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерот рече дека секој што има форма на болеста која бара хоспитализација треба да е згрижен во болничка установа.
– Никој не треба да чека на болничка услуга, ако тоа е неопходно мора да е во болница или на клиника, зависно од симптомите, Треба и да е во комуникација со матичниот лекар. Сите случаи на коронавирус дијагностицирани во изминатиот период се од локална трансмисија, тоа е докажано со епидемиолошките анкети и со новите случаи во градовите каде досега немало заболени. Во однос на времето од тестирањето до добивањето на резултатот, постапката обично трае 24 часа. Ако се зема примерок во текот на денот, се анализира вечерта или следниот ден. Тој процес трае 24 часа, а подразбира собирање, подготовка и изработка на земените материјали, пред тестот да се направи во лабораторија – појасни Филипче.
А новиот случај во Велес, доколку има потврда на тестот, ќе биде евидентиран.
Во врска со приемот на итни случаи кои не се заразени со новиот вирус, министерот нагласи дека сите јавно-здравствени установи се придржуваат до препораките за третман на итни и неодложни пациенти, вклучувајќи ги и оние со малигни заболувања.
– Во болниците има наредба според која, мора да постојат делови, амбуланти, патеки на движење, за овие пациенти. На ниту еден пациент не му е ускратена услугата, во ниту една здравствена установа – рече министерот Филипче.